Иницијативата Социјална правда сега! го продолжува својот карван во Битола и Прилеп. Вести за социјална (не)правда во својот град, битолчани ќе имаат можност да ги гледаат во живо кај Офицерскиот дом, пред споменикот Стив Наумов, на 17 јуни со почеток во 20:30 часот, а прилепчани на 18 јуни на Камена бина спроти „Реклами“ со почеток во 20:00 часот.
ЦИВИЛ – Центар за слобода заедно со Македонската платформа против сиромаштијата ја поведоа иницијативата со цел да се разоткрие тешката социјална положба во Македонија, посебно на локално ниво. Цивил Медиа и во овие два града ќе продолжи да продуцира видео прилози кои објективно ќе ја информираат јавноста за кршењето на човековите и работничките права.
Ги покануваме сите граѓанки и граѓани во Битола и Прилеп, како и локалните медиуми, да дојдат и да ја искористат можноста за споделување на свои мислења, ставови и лични искуства и неправди преку отворен микрофон.
Во интерес на објективното информирање и медиумската слобода, редакцијата на Цивил Медиа ја користи методолошката алатка STREET MEDIA. Тоа подразбира снимање и продуцирање на видео проекции, „вести во живо“, на плоштадите низ Македонија.
Инцијативата Социјална правда сега! им овозможува на присутните да учествуваат со прашања и коментари за социјалните проблеми во нивните средини на кои им одговараат претставници на граѓанското општество.
За иницијативата:
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! е иницијатива на организации на граѓанското општество засегнати со растечките проблеми во сферата на социјалната правда во Република Македонија. Неа ја сочинуваат ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонска платформа против сиромаштија (МППС), активисти за човекови права и експерти. Иницијативата е поддржана од Фондација Фридрих Еберт.
Активностите на иницијативата се состојат во јакнење на јавната свест и застапување на работничките права, синдикализмот, подобрување на легислативата за нивна заштита и нејзина доследна имплементација. Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! се залага и за заштитата на другите социјални и општествени категории како што се хонорарците, младите, стечајните работници, социјално загрозените и низа други социјални групи во општеството кои секојдневно се соочуваат со грубо кршење на нивните социјални права и со дискриминација од институциите на централно и локално ниво и работодавачите.
Иницијативата е отворена за организации, граѓански групи и поединци кои се залагаат за социјална правда.
.