По обвинувањата на одредени провладини медиуми, дека американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли се меша во работата на Државната изборна комисија (ДИК), се огласија со соопштение Бејли и американската амбасада во Скопје.
„Со загриженост го забележуваме ова неточно известување, кое тврди дека американски амбасадор се меша во работата на Државната изборна комисија. Ова не е време за објавување на лажни вести или заговори. Амбасадорот на САД не се сретна со претставници на ДИК, не ја посетил ДИК, ниту пак, интервенирал кај некој од членовите на ДИК. САД ги поддржува правата на граѓаните на Република Македонија во демократски процес, кој е отворен, транспарентен и одговорен. Ова вклучува и преглед на жалби и приговори, во согласност со македонските закони“, стои во соопштението од американската амбасада.
Поранешниот посредник во преговорите на политичките партии - потписнички на Договорот од Пржино, белгискиот експерт Питер Ванхауте, им порача на партиите на етничките Албанци во Македонија, да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Според него, топката е сега во кампот на албанската заедница и тие ќе одлучат што ќе се случи следно на македонската политичка сцена.
„Би сакал да им кажам на Албанците, 'не трошете го своето време повеќе. Не учествувајте повторно во влада, каде сте целосно маргинализирани. Да, имате неколку министри, дури и заменик премиер. Но, за сите значајни одлуки, вие бевте неадекватни од вашиот коалиционен партнер. Каде се економските инвестиции во вашиот дел од државата? Што со инфраструктурата, училиштата, болниците, патиштата? Време е за промени, време е да се исправите за вашите права како заедница, време е повторно да започнете со работа на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ова е за вашата иднина. За првпат, вашиот глас е одлучувачки, за секој граѓанин што живее во оваа земја“, порача Ванхауте.
Toj ja акцентира својата заложба, посветеност и подготвеност да ги поддржи преговорите со Грција, за решавање на проблемот со името. Зашто, со разумен народ, како што вели Ванхауте, „решение е можно!“
Белгискиот експерт е дециден дека Македонија заслужува нов почеток, со нова влада, нови лица на политичката сцена. Оние коишто сметаат дека можат да продолжат по авторитарни патеки, смета тој, дека грешат. Сите кои гласале за промени, според него, всушност, покажале дека се грижат за иднината на својата земја, дека сакаат да живеат во слобода, во просперитетна земја со иднина за себе и за своите деца. Овие граѓани, всушност, смета Ванхауте, имаа храброст да изберат демократија.
М. Талеска