Жителите на Битола се кренаа на нозе! Вчера, со двочасовна блокада на влезот во градот, алармираа и потсетија дека на Битола и се случува елементарна непогода веќе 26 години. Битолчани се револтирани од игнорирањето на институциите. Иницијаторите на протестите, од организацијата „За нас се работи“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа дека „Битола веќе нема да молчи и да умира“!
„Битола е во групата на најзагадени градови во Европа. Битола се задушува, Битола умира! Битола е пациент заболен од најтешкиот канцер, кому лекарите не му ја откриваат дијагнозата, зашто броени се деновите... Заради тоа, Битола ќе го крева гласот и нема да молчи. Ако умираме и ако ни нема спас, барем ќе побараме од идните генерации да не ја повторат истата грешка. Зашто, за нас се работи!“, велат од здружението „За нас се работи“.
Тие на блокадата вчера изнесоа две барања: режим на сообраќај во централното градско подрачје од 18 до 01 часот по полноќ и отпишување на таксата за ангажирана моќност од 33% од сметките за електрична енергија, за секое броило во општина Битола, како и субвенционирање на киловат-часот со 30% од ЕЛЕМ, а 70% од семејните буџети.
[huge_it_gallery id="15"]
„Во изминатите години и протестиравме, и меморандуми потпишувавме, и зборувавме со политички партии и со носители на одлуки, но резултат за аедрозагадувањето во Битола – нема. Како израз на краен револт, тоа што можеме ние граѓаните да направиме е токму – блокирањето на патниот правец Битола – РЕК. Ова е во корист на граѓаните, на нас, коишто живееме во Битола и коишто постојано се задушуваме“, изјави за медиумите, Илија Балтовски од „За нас се работи“.
Граѓан(к)ите на Битола, ќе го поставуваат блокади и денес и утре од 15 до 17 часот. Ако барањата не им бидат исполнети, иницијаторите најавуваат радикализација на протестите и целосна блокада на патот кој води кон РЕК „Битола“.
Оваа вест е достапна и на: Albanian