Денеска во присуство на медиумите, пратеникот на СДСМ, Стефан Богоев, побара во име на партијата да изврши увид на Избирачкиот список во подрачната единица на Државната изборна комисија во Општина Центар. Меѓутоа, не беше дозволен целосен увид во Избирачкиот список, односно му беше дозволено само индивидуално да провери, со конкретен матичен број и податоци за одредена личност. Богоев истакна дека се прават обиди да се сокрие хаосот што се случува со Избирачкиот список.
„И по вчерашната седница на ДИК, Избирачкиот список останува полн со фантомски гласачи, останува полн со недоследности, со нецелосни документации и податоци за граѓаните. Имаме и дел конкретни податоци коишто велат дека 139.438 граѓани се без адреса, односно без валидна лична карта, а се останати во Избирачкиот список, 18.269 лица на кои воопшто не им се пронајдени апликациите, односно барањата за лични карти во МВР, исто така, се останати во Избирачкиот список, а и 5.420 гласачи од Пустец, се уште по наши информации од ДИК, се останати во Избирачкиот список“, изјави пратеникот на СДСМ, Богоев, .
Сандра Гавриловска, правен експерт на ЦИВИЛ - Центар за слобода потврди дека според член 49 став 5 од Изборниот законик, „Политичките партии во текот на јавниот увид до заклучувањето и потпишувањето на Избирачкиот список, можат да направат увид на податоците во Избирачкиот список.
„Со денешниот недозволен увид во изводот од Избирачкиот список во Подрачната единица на ДИК во Општина Центар, на пратеникот од СДСМ, Стефан Богоев, државните органи го спречија остварувањето на правото на политичките партии за увид во Избирачкиот список, како нивно законско право“, изјави Гавриловска за ЦИВИЛ Медиа.
Пратеникот Богоев додаде дека ова е уште една потврда дека еден од клучните услови за фер и регуларни избори не е исполнет, односно, Избирачкиот список воопшто не е прочистен. Тој истакна дека само со прочистен Избирачки список ќе има можност за фер и слободни избори.
Дехран Муратов