Гласачите на повеќе избирачки места не можат да се најдат на Избирачкиот список. Владее хаос и голем број гласачи се откажуваат од гласање. На повеќе гласачки места се забележува дека членовите на Избирачкиот одбор ни оддалеку не се обидуваат да им помогнат на гласачите да го остварат своето право. Гласачите можат да се обидат да се пронајдат во списокот во гласачките места во близина, бидејќи има случаи кога тие се само преместени во истиот објект, а не се избришани.
Во гласачките места во ОУ Песталоци, ОУ Кочо Рацин, ОУ Димитар Миладинов и ДСУ за рехабилитација и образование „Наум Охридски“, Урбаната заедница Раде Јовчевски Корчагин проблемите со Избирачкиот список се особено изразени.
Од друга страна, добивме информација дека објектот во изградба на ул. Мирослав Крлежа (поранешна ул. Ѓуро Ѓаковиќ) бр. 52 е адреса на пет гласачи за кои се претпоставува дека се дел од демографска интервенција.
Нашата екипа дојде до податок дека Избирачкиот одбор на гласачкото место број 2844 и 2847/1 во ОУ Песталоци располага со посебен список на гласачи кои се, наводно, на привремен престој во странство, па ако случајно се појават, да можат да гласаат. Повеќето такви гласачи се со живеалиште на ул. Иван Милутиновиќ.
Забележан е инцидент на ул. Ѓуро Ѓоновиќ каде едно лице, наводно активист на владејачката партија, вербално го нападнал нашиот набљудувач и еден член на Избирачкиот одбор при урбаната заедница Раде Јовчевски Корчагин, по што интервенирала полицијата.
Забележани се уште два случаја на притисок и попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ. Привремено им се одземени овластувањата, а во еден случај овластувањето е фотокопирано. Во Домот на АРМ Избирачкиот одбор води прецизна евиденција на нашите набљудувачи.
Полицијата е присутна на гласачките места, но полицајците, спротивно на стандардите за обезбедување на гласачкиот процес, не се униформирани, туку се во цивилна облека, понекогаш означени со зелени елеци. Дополнително, тие се во цивилни, а не во службени возила.
Техничко лице вработено во ОУ Димитар Миладинов (поранешно Браќа Рибар), придружено од пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, оди по станови и се претставува како архитект и ги дезинформира гласачите дека Референдумот нема да се одржи.
Набљудувач на организацијата Синергија од Штип, во гласачко место во средното училиште Корчагин има список на 19 „несигурни гласачи“ и ги обележува тие што гласаат, односно врши проверка дали лицата кои се наоѓаат на списокот се појавиле на гласање.
На гласачко место број 2854 во ФФМ, еден гласач разговарал по телефон зад параванот.
Се забележува групирање на партиски активисти во близина на гласачките места кои имаат очигледна функција да ја контролираат ситуацијата и да спречуваат излезност на гласачите.
Следните прес конференции ќе се одржат во 16 и 20:30 часот.