Промоцијата на документарниот филм „BT - TOXIC“, на здружението „За нас се работи“, вчера, во клубот „Позитив“ во Битола, ги заокружи активностите насловени „Информирај се, едуцирај се, активирај се“, кои се дел од проектот „Граѓанска вклученост за решавање на проблемите во животната средина“.
Примарната цел на документарецот е едукација, но и кревање на јавната свест за проблемот со аерозагадувањето, кој е пред сé човечки, а потоа политички.
Сценариото и продукцијата на “BT – TOXIC” е на Пеце Талевски, а режисер е Елеонора Венинова. Со полемички ставови околку енормно загадениот воздух во Битола, во филмот, меѓу другите, учествуваат и професорот д-р Драган Ѓорѓиев од Институтот за јавно здравје, Тони Паспаловски од РЕК Битола, Виктор Илиев од „Битола на точак“, Невена Смилевска од „Еко свест“, и членови на здружението „За нас се работи“.
„Наша цел во фимот беше никој никого да не напаѓа. Секој од свој аспект да го каже она што го знае за проблемот. Во филмот видовме многу различни изјави и видувања. Нема да кажеме кое видување е правилно, а кое е неправилно. Секој кој смета дека треба да се вклучи во проблемот и да делува на ова поле, а и на другите полиња, вклучувајќи го ова како најважно, добро е сам да истражи и да види кому, од овие 7/8 души, ќе му верува, во смисла на она што го зборуваат фактите“, изјави за медиумите отец Душко Груевски, член на здружението „За нас се работи“.
На прашањето дали Општината била поканета со свој претставник да ги искаже нејзините официјални ставови, отецот Груевски одговори дека и Општината била поканета, а дека се појавиле сите кои сметале дека треба да бидат дел од оваа акција.
Документарниот филм „BT - TOXIC“ можете во целост да го погледнете на јутјуб каналот на здружението „За нас се работи“.
Биљана Јордановска