Хаџи Ангелковски: Нема да седиме со наведнати глави!

2016-тата, беше чудна година. Чудна, тешка, напорна, но истовремено и полна со надеж, живот, хуманост... Година на избори, каде одлучувавме за многу повеќе од само еден парламентарен состав. Одлучивме дека нема повеќе да бидеме тивки. Одлучивме дека доста е од режим и покорност!

dmian-chai-anglkovski

 Пишува: Демијан Хаџи Ангелковски       

Година на единство. Бевме сплотени заедно, шарени и неуморни. Улиците ни беа вториот дом, не бидејќи сакавме, туку моравме. Станавме поблиски и си помогавме. Бевме хумани и бевме таму каде што требаше. Си подававме рака и се кревавме заедно.

Имаме многу мали успеси, кои на крајот нé донесоа до победа. Бевме мудри и трпеливи. Покажавме дека можело, ако се сака, мирно да се урне режим. Го демонтираме и расклопуваме, а тој самиот си паѓа, како кула од карти.

Во нашата психологија е секогаш да се фокусираме на лошите работи, но оваа година донесе и многу позитивни нешта. Мигови, моменти и настани кои нé направија посилни, похрабри и порешителни од било кога. Испративме многу другари во странство, но многу и ни се вратија. Протестиравме неуморно и барањата ни беа исполнети. СЈО остана силно да свети. Правда - во неправедната темница.

Не ја наведнавме главата и продолживме. Дури и кога трагедија нé удри, бевме брзи и присебни и потрчавме да помогнеме. Покажавме солидарност и хуманост кон луѓе кои не ги познаваме, притоа ризикувајќи го и сопствениот живот.

Таа сплотеност, тоа заедништво, ни покажа дека може да живееме во една поинаква Македонија. Македонија во која нема да биде важно од каде доаѓаш или во кој бог веруваш.

Многу обични граѓани станаа херои, застанувајќи му на патот на слепиот и глув режим. Ставија сé што имаат на коцка, за општото добро. Треба да учиме од нив. Од несебичните обични граѓани, кои во вистински момент донесоа правилни, но и тешки одлуки.

Но, најважно од сé е што научивме дека треба да бидеме трпеливи. Нема сé да се заврши завчера. За општествени промени и за уривање режим треба време. Но, на прав пат сме. За првпат, по мнооогу долго време, сме на вистинскиот пат. На зборовите на Никола Димитров: „Ќе нé биде!“, би сакал да додадам уште нешто… Ако работиме сите заедно, кон подобрување, да, и тоа како ќе нé биде!

Нема веќе простор за мрзеливост или за „незамарање“. Продолжуваме неуморно, како и досега. Продолжуваме похрабро! Ништо повеќе не го запира овој воз на промени, ништо повеќе не ја запира храбрата идеја за слобода. Ја почувствувавме и знаеме дека не може да биде поинаку.

Ќе се бориме за никогаш ова зло да не се повтори, но и ќе се бориме за нашата држава. Ќе останеме тука и ќе градиме општество во кое ќе сакаме да живееме, а не општество во кое преживуваме.

Заради овие работи и заради луѓето кои беа покрај мене, успеав да ја преживеам 2016 - многу лесно. Оваа година растевме и созревавме заедно. И како поединци и како општество.

Ќе биде добро…

Ќе направиме да биде подобро!

 

(Авторот е граѓански активист)