Хан во Париз - Економски обединет Западен Балкан - услов за влез во ЕУ

„Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот раст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Нашиот пристап е да го зајакнеме економското владеење. Тоа е единстевниот начин за регионот да доживее долгорочен економски раст“, порача Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и соседска политика, на бизнис форумот што се одржува во Париз, во рамки на денешниот трет Самит на државите од Западен Балкан.

Тој во ниту еден контекст не ја спомена Македонија. Но, најави грантови за Црна Гора, Албанија, Србија и Косово, држави во кои ќе бидат инвестирани 96 милиони евра за железничка инфраструктура и 50 милиони евра за т.н. „зелени проекти“.

На Самитот во Париз денеска, Македонија ја претставува тричлена делегација предводена од премиерот Емил Димитриев.