Хаос со „фантомите“ во Охрид: Непостоечки влезови и станови!

По реакцијата на охриѓанец испратена до еден скопски портал, за наводно постоење на фантомски гласачи во Охрид, долгорочниот набљудувач на ЦИВИЛ - Центар за слобода ја посети споменатата адреса и ни испрати извештај, според кој, иако едниот „фантом“ се води како гласач во вториот влез на зградата број 369, таа има само еден влез!

zgradata

Зградата со 12 влезови во Охрид

Станарите во станот на кој се води вториот „фантом“, соопштиле дека лицето, всушност, е нивна роднина која живее во странство, нема охридска лична карта, но покренала постапка за македонски пасош!

Станбената зграда на улица „Гоце Делчев“ број 369, во населбата Даљан во Охрид, има само еден влез, и не постои адреса - „Гоце Делчев " број 369/2. Со дополнителна проверка, набљудувачот на ЦИВИЛ заклучил дека не постои можност за забуна или случајна грешка, зашто, соседната зграда од лева страна, се води на друга улица и е со видно обележан број 12, а зградата зад посочената, е со број 371.

stanotСтанарите на зградата со број 369, со кои разговарал набљудувачот на ЦИВИЛ; потврдиле дека лицето О. П. не живее во нивната зграда, во која не постои ни втор влез, ни стан број 40 во него, но, еден од соговорниците рекол дека неодамна, лице за кое претпоставува дека е судски курир, го барал посоченото лице О. П. во нивната зграда, наводно, за да му врачи покана.

На истата адреса, во станот 13 во Избирачкиот список е наведено и лицето А. М. Станарката од станот бр. 13, Д. Н., која живее на истата адреса од 1979 година, изјавила дека лицето А. М. е нејзина блиска роднина, која е родена и живее во држава во соседството.

Според соговорничката на ЦИВИЛ, роднината не поседува македонска лична карта, во посета им доаѓала еднаш на три години, и во тие прилики, како адреса на привремен престој ја наведувала нивната адреса. Роднината, наводно, пред неколку години, покренала постапка за добивање на македонски пасош.

За тоа колкав хаос владее во наводно прочистениот Избирачки список, илустрација е и податокот од Избирачкиот список дека, покрај „фантомите“ А.М. и О.П., за кои е наведено и дека гласаат на избирачкото место 1309/1, во зградата број 369 на улицата „Гоце Делчев“, уште двајца граѓани П. П. и Р. Д. се наведени дека живеат во непостоечкиот втор влез. Лицето Т. Р. пак, според Избирачкиот список живее во влезот број 12, а иако според списокот, 60 избирачи во единствениот влез, живеат во становите со број од 1 до 20, „фантомот“ О. П. живее во станот број 40. 

Синиша Станковиќ


ЦИВИЛ им обезбедува простор на граѓанките и граѓаните на Република Македонија да пријавуваат случаи на нерегуларности, фантомски гласачи и кршење на човековите права и слободи во изборен контекст. Случаите можат да ги пријават на www.slobodniizbori.info или по телефон, електронска пошта и лично на овластените набљудувачи и во седиштето на организацијата. Пријавите се анонимни.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish