Хаос во и пред Државната изборна комисија: ВМРО-ДПМНЕ се заканува со немири!

Државната изборна комисија денес напладне ќе ја продолжи седницата за разгледување на приговорите на Беса и на СДСМ. Атмосферата што пред  објектот на ДИК, синоќа ја создадоа поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив дојдени и од внатрешноста, најавуваше ескалација на тензиите, а говорот на омраза, навредите, клетвите, националистичките провокации, петардите но и пукотниците, како и заканите до „измеќарите на странските служби“ и до неименуваниот амбасадор, само ги засилуваат стравувањата дека Македонија се соочува со нови тензии и предизвици.

На маратонската седница на Државната изборна комисија, наместо полемика на професионалци и експерти, новинарите, набљудувачите и гледачите на директниот пренос, можеа да ги согледаат очебијните партиски опачини на членовите, што ги иницираа речиси сите несогласувања.

Синоќа, првите два приговора на СДСМ за избирачките места 2010 и 2025, во Општина Теарце, во Шестата изборна единица, кои се однесуваа на преправани записници и на несовпаѓање на бројките на гласачите со распределбата на гласовите, ДИК ги отфрли. За приговорот за избирачкото место 2011 во Теарце, со сомнеж за „бугарски воз“, кога наместо гласањето да биде прекинато, продолжило до крај, беше правен и увид во избирачкиот материјал.

За време на работата, надвор пред објектот на ДИК, обезбедуван со полициски сили, „самоорганизираните“ демонстранти од ВМРО-ДПМНЕ, беа „спонтано“ насобрани за да не дозволат прифаќање на  приговорите на СДСМ, со кои е можен и поинаков исход на неделните избори и прераспределба на мандатите во корист на опозицијата. Разгневени оти „некој сака да им ја украде победата“, на минусни теператури, демонстрантите пееја патриотски песни, но и проколнуваа, скандираа и извикуваа националистички навреди и провокации за етничките Албанци, и додека ечеа зурли и тапани, играа и оро, запалија и огин...

15595941_1443970168964495_416770731_o

ДИК, по увид на гласачката кутија, едногласно, со девет гласа „против” го одби и третиот приговор на СДСМ, за гласачко место 2.024 во Шестата изборната единица, додека функционери и носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ надвор ја поттикнуваа масата демонстранти, со пораки дека „имаат сила да ја почитуваат демократијата“(!?), дека враќање назад нема и дека ќе седат пред ДИК и до „август и во јули, ако треба“. Залудно членовите на ДИК предложени од опозицијата порачуваа дека тоа што се случува надвор е „срам за Македонија“, нивната работа продолжи под силен притисок од масата демонстранти, чии закани се слушаа и на преносот од седницата.

Претходно, како на лента, на Беса ѝ беа отфрлени седум од осумте приговори, а за последниот, ќе се вештачи потписот на граѓанката Фатиме Сулејмани, за која, според приговорот, некој гласал, а потоа на неа не ѝ било дозволено да гласа, за да се утврди дали потписот е веродостоен или фалсификуван. Таквата одлука за ВМРО-ДПМНЕ е скандалозна и партијата побара ДИК итно да ја повлече. Во тој контекст, партискиот член на ДИК од  ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, побара граѓанката да биде ставена на детектор за лаги, со што не се согласија останатите членови на ДИК.

По повод одбиените приговори на Беса, членот на Централното претседателство на партијата, Арјанит Хоџа, изјави: „Беше многу болно да гледаш како албанските претставници во ДИК, тие од ДУИ, ДПА и тој кој наводно е независен, го штитеа интересот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, повеќе и од самите претставници на Груевски во оваа Комисија. Почитувани активисти на ДУИ и на ДПА, многу ни е жал за вас, но денеска вашите претставници во ДИК не ѝ одзедоа пратеник на Беса, тие им одзедоа пратеник на Албанците во Македонија и му го дадоа на Груевски. Ова беше тоа што ние ви го кажувавме пред изборите: гласот за ДУИ е глас за ВМРО и за Груевски“.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish