Хајредини: Алтернативите за Груевски се власт или робија!

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.

Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.

Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Аналитичарот Џевдет Хајредини предвидува дека ако не дојде до остварување на преземените обврски, Македонија ќе влезе во многу подраматична фаза на политичката криза.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=bjngSkWZ0g0[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија во контекст на имплементацијата на договорот од Пржино?

ХАЈРЕДИНИ: Преговорите практично завршија и сега имаме една заокружена целина на состојбите во Македонија. Сведоци сме дека ретко која држава во историјата и во современиот свет е дојдена во ваква ситуација, особено европска држава.  Елитата на власт во Македонија се обидува на дел од населението,  на граѓаните во  Македонија, да им ја прикаже состојбата со тешката пропаганда платена од самата власт, дека ништо посебно не се случува. Ние бевме сведоци, при крајот, кога Никола Груевски беше принуден да ги прифати сите услови кои ги поставуваше меѓународната заедница, тој да каже дека наша стратешка цел - и ја постигнавме, се изборите на 24 април. Тој апсолутно не сака пред граѓаните на Македонија ни да спомене што сé треба да се оствари за да се  дојде до изборите и дека доколку тоа не се оствари, избори може и да нема, но тоа е негова работа.

Меѓународниот фактор кој е длабоко инкорпориран во македонскиот систем, во овие наредни месеци, исто така, како што се гледа - има јасно сценарио како тој на институционален начин има обврска да ги остварува сите оние обврски за кои потпиша. Доколку до тоа не дојде, Македонија  ќе влезе во една друга, многу подраматична фаза на политичката состојба.  Јас пред некое време за еден весник кажав  дека е можно Груевски по мирен пат да не замине од власта. Бидејќи се знае дека неговата алтернатива е - или на власт, или осуден на долгогодишна робија. И во таа смисла, човек може човечки да го сфати дека ги користи сите средства што ги има на располагање, а гледаме дека се обидува сé, за да одложи да дојде до 24 април.  Тоа што тој сака да одложи, може да доведе до тоа избори да нема и да имаме потреба повторно од посредство на истите странци, од нови преговори, нови решенија... Меѓународната заедница и странскиот фактор го следи тоа што тој се обидува да го постигне со опструкции за фукционирање на Специјалното јавно обвинителство, со избори на Државната изборна комисија, со судскиот совет итн. Меѓутоа, според мене, мислам дека тоа нема шанси, единствено ги одлага процесите кои ќе доведат до тоа Македонија да излезе од криза.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најсериозните прекршувања на договорот од Пржино?

ХАЈРЕДИНИ: Најсериозни прекршувања сега се опструкциите и пречките за фукционирање на Специјалното јавно обвинителство. Еве, сега се обидуваат да спречат да се донесе законот, да се екипираат со експерти, истражни органи и експерти за истраги. Знае Груевски дека Комисијата на Прибе и со заклучоците, кога беше тука, ја скенираше состојбата во Македонија, имаше и италијански експерти, познати борци против мафијата. Тој е свесен дека тоа не е случајно. Состојбата се споредува со фукционирањето на мафијата во Италија, па тоа искуство го пренесуваа тука, како и овде да се откријат и мафијашите да се изведат пред суд.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како е можно да се создадат услови за слободни избори во април 2016?

ХАЈРЕДИНИ: Да се оствари сé ова што е потпишано во Пржинскиот договор,  да се остворат сите обврски што се предвидени со законските прописи, со измени и дополнувања во Законот за Влада, Законот за Специјално јавно обвинителство и конституирањето на Државната изборна комисија.  Меѓутоа, тука ќе има доста проблеми, затоа што сме сведоци дека сега се вртат имињата,  да влезат во изборната комисија истите луѓе кои беа носители на криминал, за кои слушнавме како добиват наредби од лидерите на партиите за носење на спорните случаи на последните избори...  Тоа е нонсенс, не смеат да бидат од морални причини во комисијата... А тие и натаму продолжуваат, партиите на власт, да ги инсталираат пак истите личности, компромитирани, повторувам, затоа што сме сите сведоци дека тие работеа на последните избори исклучиво со наредби на нивните партиски лидери. Ова се сите форми на таа опструкција што, по сé изгледа, нема да им успее овој пат, затоа што криминалот и неморалот кој беше откриен во Македонија, е без преседан во една европска држава.

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish