ХОПС бара нов закон за „легализирање на канабисот за медицинска употреба”

По најавата на Министерството за здравство дека законски ќе се „легализира марихуаната за медицинска употреба”, и откако со Предлог - закон за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции беше предложено регулирање на медицинската употреба на деривати на канабис, здружението ХОПС (Опции за здрав живот – Скопје), како експертска организација која две децении работи во сферата на употребата на дроги, веднаш реагираше.

Иако не биле повикани активно да се вклучат во јавните расправи, активистите од ХОПС се обидоа да укажат на недоследностите, на кои предлагачите на законските измени досега воопшто не реагирале. .

Затоа, ХОПС денеска одржа прес-конференција пред Собранието на Република Македонија, на која беше повторен ставот оти конкретниот начин на регулирање, нема да придонесе за поголема достапност на канабисот и на неговите деривати до луѓето со одредени медицински состојби, на кои им е и најмногу потребен

На прес-конференцијата зборуваа активистите Христијан Јанкуловски, Влатко Деков и Хајди Симоновиќ – Штерјова, подржани од триесеттина активисти и од Давор Ангеловски и Миша Симоновиќ, кои дадоа изјави за личното, позитивно искуство со употребата на канабисот и за неговото влијание.

Извршниот директор на ХОПС Јанкуловски рече дека е проблематично ограничувањето, според кое, продуктите од канабис може да ги препишуваат само четири специјалистички насоки - невролози, инфектолози, радиолози и онколози, а не е вклучен поширок круг стручни лица. Според него, иако канабисот се употребува над 20 години за очен притисок, на пример, офталмолозите нема да може да го препишуваат, како ни реуматолозите..

Здружението ХОПС затоа смета дека со предложените законски одредби ќе се ограничи листата на болести за кои би можело да се користи канабисот во медицински цели, воведувајќи премногу строги критериуми и бара повлекување на Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции од собраниска процедура, и во најбрз можен рок изработка на посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабис, а во кој, фокусот ќе биде ставен врз правата на пациентите и достапноста на канабисот до сите на кои им е потребен.

Давор Ангеловски потенцираше дека пробал за да види дали ќе му помогне канабисот: „Кај мене помага, така што, јас се прашувам - дали треба да чекам и да ризикувам затвор за оние да решат дека за болка помага и дека треба да ми се помогне?“.

Давор Ангеловски

Давор Ангеловски

Мишел Симоновиќ, кој боледува од Кронова болест, побара при донесување на законски измени да се консултираат засегнатите страни: „Во светски рамки има докази дека (канабисот) помага во нашата состојба. И ние би сакале да бидеме опфатени во групата, за да можеме легално да го користиме. Апел до Владата и органите да подразмислат и да бидеме контактирани, да донесеме правилен закон каде ќе можат повеќе групи да бидат опфатени за користење на придобивките од конопот“, рече Симоновиќ.

Здружението ХОПС изготви и Анализа на Предлог-законот од која произлегуваат и следните заклучоци.

- Иако цел на предложените измени на Законот е регулирање на медицинската употреба на конопот, произлезе дека предложените одредби не и служат на најавената цел, туку напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со канабис и неговите деривати;

- Поради предложените одредби со кои се уредува начинот на производство, чување и преработка на канабисот, со кои се става голем финансиски товар на правните лица кои би ја работеле оваа дејност, очекувано е крајниот производ да биде со висока цена, а со тоа недостапен за најголемиот дел од луѓето на кои им е потребен;

- Алармантен е предлогот за воведување на казнени одредби во овој закон, со кои се криминализира личната употреба на канабисот, што претставува дополнително регулирање на материја која веќе е регулирана со Кривичниот законик, што е спротивно на Уставот и предизвикува правна несигурност на граѓаните на Македонија.

Агнеса Чаволи