Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје во соработка со германската амбасада, Град Скопје и македонски и странски компании – донатори, обезбеди инсталација на City Tree – иновативниот и патентиран зелен билборд што го прочистува воздухот во Скопје и Тетово.
По повод започнувањето на проектот, денеска во хотелоит „Мериот“ со почеток до 11:30 часот ќе се одржи прес-конференција на која свое обраќање ќе имаат амбасадорката на Германија Кристине Д. Алтхаузер, Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“ и претставник од Град Скопје.
Главна цел на проектот е да се подигне свеста кај граѓаните, експертите, надлежните институции и бизнисите за потребата да се делува на полето на квалитетот на воздухот, за придобивките од иновативниот проект City Tree и воопшто за квалитетот на воздухот во Република Македонија.
Според „Еко - свест“, City Tree е вертикална структура од мовови, со висина од 4 метри, широчина од 3 метри и длабочина од 60 сантиметри. City Tree претставува комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон и имаат способност да неутрализираат 240 тони CO2 годишно.
Од „Еко - свест“ најавуваат и спроведување на јавна и едукативна кампања за да се подигне свеста и за придобивките од City Tree, како и за потребата да се преземат чекори и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата.