ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува користењето прекумерна сила од специјалците на МВР кои за време на вчерашниот протест на Шарената револуција насилно го оневозможија правото на протест на илјадниците демонстранти кои протестира против новата еврообврзница и енормното задолжување од 650 милиони евра.
ЦИВИЛ реагира на синоќешното насилство, кога специјалните единици на МВР со чадна бомба, со физички напад врз активисти, меѓу кои и врз еден од поекспонираните шарени револуцинери Павле Богоевски, и со воден топ што во еден момент беше подготвен за користење, се обидоа да го „чуваат“ Министерството за финансии од своите сограѓани. А специјалците кои не беа зафатени со тепање демонстранти, ги снимаа и фотографираа учесниците во протестите!
Полициските сили не им дозволуваа да си заминат дома ни на станарите кои живеат во зградите во близина на Министерството и ја попречуваа работата на новинарите.
Примената на сила не е нова и директно е во судир со Уставот и меѓународното право со кои се гарантира правото на протест. Ова континуирано насилие на полицијата е неприфатливо и крајно алармантно!
Сила се користеше и против студентите кои не сакаа да дозволат нелегитимен избор на претседател на Студентскиот парламент, насилно беа апсени и активисти на самиот почеток на протестите на Шарената револуција, повредени беа новинари, а листата не завршува тука...
Едно е јасно! Притисоците и уцените врз активистите, апсењата и насилните испади на припадниците на МВР и на специјалните единици, нема да ги запрат граѓанките и граѓаните да се борат за своите човекови права и слободи.
Затоа, ЦИВИЛ уште еднаш упатува остар протест против насилството на полицијата врз мирни демонстранти и ги потсетува полицајците дека имаат законска обврска да ја штитат безбедноста на сите граѓанки и граѓани, а не да ги тепаат. Ги потсетуваме полицајците дека имаат законско право да не почитуваат команди кои се противзаконски.