Првиот круг од претседателските избори помина со низа нотирани нерегуларности од страна на набљудувачите на Цивил - Центар за слобода и граѓаните. Преобемната работа што Цивил - ја имаше минатиот пат за организацијата претставува мотивација во недела да го зголеми влогот со дополнителни набљудувачи на теренот, чија вкупна бројка ќе изнесува 116. Сите тие ќе бидат во директна комуникација со дескот кој ќе биде сместен во прес центарот, и ќе биде задолжен за евидентирање на сите случаи на повреда и кршење на Изборниот законик, како и други настани предмет на мониторингот во рамките на проектот Слободни избори 2014.
Како и претходно, на денот на гласањето, 27 април, Цивил ќе има отворен прес центар во ГЕМ клуб кој ќе работи од 7 часот наутро, па сè до полноќ. Прес конференциите се закажани во термините 12, 14, 16, 18, 22 и 24 часот, додека од 19 часот предвидена е панел дискусија со поканети гости, експерти од различни области.
За целата програма ќе биде овозможен видео пренос во живо на веб-страницата slobodniizbori.info. Во истиот момент по завршувањето на поединечните настани, сите содржини ќе бидат веднаш достапни за прегледување во мултимедијалната архива во рамките оваа веб-страница.
На slobodniizbori.info граѓаните воедно ќе може да пријавуваат изборни нерегуларности користејќи го формуларот за таа намена, но исто така и да се вклучат во живо во разговорот со прашања и коментари за време на панел дискусијата со гостите преку социјалната мрежа Twitter користејќи ги хаштаговите #изборимк и #izborimk (на македонски), #zgjedhjemk (на албански) и #electionsmk (на англиски).
Информативната редакција, ЦИВИЛ МЕДИА, продолжува со својата работа и ќе биде активна и на денот на гласањето. Сите содржини објавени на веб-страницата на ЦИВИЛ, civil.org.mk, се достапни за преземање без никакви ограничувања. На ваша добра волја останува дали ќе го назначите изворот со линк до оригиналниот текст.
Цивил ги поканува невладините организации и граѓаните на 27-ми април да дојдат во прес центарот со свои информации и согледувања за текот на гласањето, односно за текот на изборниот процес. Во него ќе бидат достапни печатени и електронски материјали за новинарите и другите заинтересирани, а набљудувачите и раководителите на проектот Слободни избори 2014, како и другите организации ќе бидат на располагање за изјави, информации и анализи.
Пријавувањето нерегуларности освен преку формуларот за контакт на slobodniizbori.info, граѓаните ќе може да ги направат и на телефонските броеви 02/5209-176 и 075/707-143, како и на електронската пошта [email protected].
Петар Стојковиќ