Очниот хирург Дејан Ставриќ, минатата недела, од скопскиот Апелационен суд е осуден на условна казна од една година затвор, откако претходно Основниот суд 1, по вторпат го осуди со затворска казна од една година, за барање поткуп од 2.000 евра за посредување при добивање на инвалидска пензија.
Како поранешен синдикален лидер д-р Ставриќ, се сомнева дека токму неговото водство на штрајкот на лекарите против наметнатите реформи во здравствениот систем, кои наидоа на контроверзи кај здравствените работници и на реакции од пациентите, било пресудно за неговото притворање.
Во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, во рамки на проектот „Социјална правда, сега!“, објавено на од 29 април, д-р Ставриќ изјави дека целиот случај е класична монтажа.
„Ме уапсија на начин на кој би можеле да му завидуваат и режисери од Холивуд. И Боливуд. Беше супер-подготвена организација, мислам дека 100 службеници на полицијата беа присутни на апсењето. Тоа е еден голем срам за нашите институции, а пред сé, за тие кои го спроведоа тоа“, изјави Ставриќ во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
По едногодишна гологота по судовите, д-р Ставриќ не е задоволен од одлуката на Апелација, и подготвен е невиноста да ја докаже на релевантни и реални судови во моментот, а тие, според него, се надвор од нашата држава. Дециден е дека, за жал, во Македонија „имаме имитација на институции кои не работат за граѓаните, туку за своите налогодавачи“.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=JehPbK3aBA4[/youtube]
„Одлуката од Апелациониот суд е донесена, мериторна, со која сум осуден, и со тоа се чувствувам целосно оштетен и онеправдан, затоа што се работи за, како што стои во карактеризацијата на Стејт Департменот и ЕУ од минатата година, за политички мотивиран и полициско–судски монтиран процес. Апелација ја повтори пресудата на Основниот суд во Скопје, која беше тотално неоснована и бесправно донесена, како во смисла на постапка, така и во однос на правниот дел како пресуда.
Дали ќе се жалиме понатаму, ќе видиме, затоа што дефинитивно немаме доверба во македонското судство, не само јас, туку и адвокатската канцеларија која работи на овој случај, а и мнозинството од граѓаните, затоа што се сведоци на селективната правда која се случува во Македонија. Мојот случај може да се спореди со актуелните случувања. Во случај кога немаме дело, се осудува човек по секоја цена, и се држи без проблем во притвор, а во случаи на тешки криминали, луѓето шетаат слободно и дури судовите се борат - истите да не добијат притвор.
Може да се случи и ќе се случи сигурно, жалба до релевантни и реални судски инстанци кои не постојат во Македонија, туку се во странство, затоа што целокупната процедура во оваа полициско-судска монтажа, во мојот случај, претставува повреда на сите човекови права, на сите уставни права, со кои се занимава судот во Стразбур. Оваа жалба ќе биде по многу основи, меѓутоа, она што е дилема сé уште е: дали ќе се бара оштета од државата или директно од чинителите во овој процес? Затоа што сметам дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, мора некој што номинално стои како судија, а се однесува како џелат, да одговара за тоа, и мислам дека во блиска иднина тоа ќе го знаеме.
Независно од мојот случај, независно од процесот, сметам дека до промени мора да дојде за доброто на сите нас. Бидејќи сме поделено општество, важи еден начин за „нивните“, за оние што се на власт, а за сите други важи друг начин. До промени мора да дојде, затоа што не можеме да живееме во поделено општество во кое едни ги уживаат сите права, а другите немаат никакви права. Тоа се општествени системи кои од 18 век наваму ги нема во другите делови на Европа. Ние сме вратени во едно феудално уредување, како по основ на сопственост, така и по основ на владеење. Тука не владее правото, владее исклучиво политичката сила! Институциите поистапуваат во функција на политичкиот естаблишмент и тоа мора да се смени. Не за мене и за мојот случај, туку за доброто на сите нас. Не само судството, не само полицијата, сите институции мора да бидат нормализирани, затоа што во моментот, државни институции - немаме. Ние имаме имитација на институции кои не работат за граѓаните, туку за своите налогодавачи.
А дали мојот случај е пример за другите синдикални лидери? Да. Мојот случај е закана, многу конкретна, многу јасна, до лекарите, до истомислечките луѓе, до синдикалните лидери... Мислам дека истите тие, на кои им е наменета, треба да реагираат, не со страв и со молчење, туку со гласност и со мисла!“.
Биљана Јордановска
Камера Никола Угриновски
Оваа вест е достапна и на: Albanian