Измина повеќе од месец, но со бурните политички случувања, како вчера да беше гласањето за предвремените парламентари избори во Македонија. И, како се чувствувам?
Поразочарано од периодот пред да почне предизборната кампања, тогаш барем сé уште имав скромна надеж за креација на едно големо граѓанско општество и за позитивни промени. Сега, се чувствувам заробена во канџите на национализмот, којшто не ми дава да дишам, ми го опструира рационалното размислување, ми го девалвира интелектот.
По објавувањето на Платформата на трите албански политички партии, а претходно, со жестоката националистичка реторика на ВМРО- ДПМНЕ и на експремиерот Никола Груевски, гледам како меѓуетничките односи, градени со максимална почит и емпатија, особено во последниве две години, се уриваат, зашто недостигот на трпение и зрелост не им дозволува да прераснат во нешто максимално убаво – држава каде ќе владее принципот на граѓанска еднаквост. По толку лекции од нашето блиско минато, од минатото на соседните држави, се прашувам зошто сé уште не ги апсолвиравме работите на правилен начин, дали е толку тешко да практицираме мирен соживот и етничка кохезија?!
Национализмот никогаш не резултирал со ништо добро, па нема ни сега. „НИЕ и ТИЕ“ е најбитниот момент на политичката онтологија, тука се артикулираат поделбите, говорот на омраза, пропагандата, фашизмот...
Упорно одбивам да бидам дел од ова, особено поради тоа што сум горд дипломец на политички науки, на факултет каде најголем дел професори се левичари, а пред сé луѓе во вистинска смисла на зборот. Но, иако се чувствувам имуна на ваквите негативни општествени феномени, не можам да речам дека сум индиферентна кога гледам како луѓето ја потенцираат својата национална припадност, пред граѓанската и човечката димензија, особено во мултиетничка држава како Македонија.
За да ги закопаме сенките на минатото, да отвориме нова страница во пишувањето на македонската реалност, апелирам да ја подобриме интеграцијата на сите неинтегрирани граѓани во оваа држава, без разлика на националноста, буквално на сите. Давајќи и екслузивитет на релацијата Македонци – Албанци, забораваме дека во оваа држава живеат и Роми, Власи, Турци, Бошњаци, Срби..., граѓани кои поради неповолните елементарни услови за живот, поради својата неинтегрираност во македонското општество, и тоа граѓани од сите националности, со бугарски, хрватски, германски и други „европски“ пасоши, ја напуштија Македонија. Што сакаме ние во 21-от век? Да го вратиме национализмот повторно да ни биде единствена храна на нашата маса? Празни градови и села, разгорување на национална нетрпеливост?
Или, општество на интегрирани граѓани, едуцирани генерации, економски развој и благосостојба, држава во којашто ќе се биде горд на убавините на диверзитетот.
Цело и најубаво е кога има се!