Добредојдовме! Откако почнавме да протестираме, почнав да чувствувам дека и не сум баш од и за на некоја друга планета, или дури, и универзум. Откако почнавме да протестираме, почнав родениов град - како свој дом да го живеам. Откако почнавме да протестираме, најпрво ги мразев оние контра-протестантите, па ги обвинував, потоа ги жалев, за сега веќе да чувствувам потреба токму на нив да им се обратам.
Ние овде, секој ден што се собираме, сите шарени и непокорни, што не веднеме глави и што немаме пресни образи за шамарите на автократските, фашизоидни властодршци, живи сме и сакаме и можеме - и нашите деца кои ги родивме во овој конц-логор, или кои сé уште не се осмелуваме и да ги родиме - да се исто вака, и повеќе од ова живи!
Ние, овде, што сме секој ден и на сонце и на ветер, што на дожд киснеме до коска, сакаме и можеме да уриваме замоци од слонови коски. Сите ние, луѓе, имаме право и да се бунтуваме, да негодуваме и да изнајдуваме начини да уриваме неправедности а да градиме посветла, солидарна иднина, ослободувајќи се од синџирите на патријарсите и на капиталистичките автократи, жедни единствено за моќ и материјални, минливи, шушкави соединенија.
Сите ние, заедно со вас, инструментализираните контраши, имаме одговорност -никој од нас да не е дел од „луѓенцата“ што за уши треба да се влечат и меѓу огради и кафези да се тепаат за топка сладолед, или за салмонела-сендвич. Не сте вие помалку вредни од оние кои ве донесоа во безизлезни ситуации и кои ви влеваат страв во коски. Финтата е дека и пресорите и пресираните, не се свесни за можноста за излез од тие состојби. Е, па, се свестуваме...
Никој не е вечно пресор, ниту некој е вечен роб. Ја имаме силата да го менуваме дискурзивниот тек на настаните и да градиме еден пошарен свет. Власта го приковува човека за улогата која му ја наметнува општеството. Постојано ги создава и репродуцира условите на тие улоги, за робот да не може да се ослободи од оковите. Но, за да постои смртоносна борба меѓу власта и робот, најпрвин робот мора да одлучи.
Да одлучиме партиципативно, сите, дека сакаме да живееме слободно. Одлучивме дека сакаме слободно општество! Ако сме ние хулигани, да ви кажам на сите останати, ние хулиганите, не можеме мирно да спиеме овие денови… Ние, хулиганите, и нема мирно да спиеме денес - за нашите деца да спијат мирно во иднина. Нема мирно да спиеме, дури не го искорениме секое злодело од хибридниов режим и сите негови поданици. Додека не генерираме нови политички потенцијали, додека не ги реорганизираме дисфункционалните политички концепти, и дури не изнајдеме подобри нови можности и не ги редуцираме класните разлики...
Не се помируваме со афричкиве стандарди во стиропорното и лажно општество. Согледуваме и деконструираме хиерархии. Сечија болка и сечија неправда е наша заедничка неправда. Не сме лилипутанци и нема да се пасивизираме, да знаете! Јас лично, да бидам искрена, никогаш не сум имала вака силни причини за бунтување, а и секој од нас, кој свесно го живее животов, автоматски станува бунтовник за правдини. Овде и сега, се работи за живеење на едниот и единствен живот кој го имаме на располагање и за живеење на сопствен начин.
Ако сакате апсете, ама бројот на слободоумни, мислечки и полнокрвни граѓани во земјава расте. И нема таква апсаана, што ќе не збере сите. Шаренееме, а шаренилото нема окови, ниту трпи синџири и хиерархиски тракатанци.
Тука сме и ќе се избориме!!!