Да се преслушаме, што постигнавме и што допрва нѐ чека?

Започнува „­Перспективи 2.0“, серија мултимедијални настани на ЦИВИЛ со панел дискусии, изјави, интервјуа и презентации посветени на општествените и политичките трендови во Македонија. Во „Перспективи 2.0“ ќе говориме за постигнувањата, неуспесите и предизвиците кои се пред нашата земја до крајот на оваа година. Воедно, ќе отвориме нови теми или постојните ќе се разгледаат од ЦИВИЛен агол.

За првиот од оваа серија настани, кој ќе се одржи на 23 мај (среда) во хотел Сити Парк (кај општина Центар), ЦИВИЛ организира едночасовна дискусија на жешката тема за спорот со Грција меѓу Јове Кекеновски (ФРОДЕМ) и Африм Гаши (БЕСА), со почеток во 12 часот, додека во останатиот дел од попладнето, ЦИВИЛ ќе разговара и со проф. Мирјана Најчевска и режисерката Ирена Стеријовска и на други актуелни теми кои се однесуваат на македонската општествено-политичка реалност од различни аспекти. Разговорите се водат во форма на кратки интервјуа пред публика, каде што заинтересираните можат да поставуваат прашања.

Да се потсетиме, првото издание на „Перспективи2018“ се одржа на 22 и 25 декември 2017 година. Тогаш, ЦИВИЛ покани дваесетина јавни личности, експерти и активисти, кои говореа за перспективите во 2018 година. На речиси половина пат до крајот на годината, ќе се преслушаме и ќе се потсетиме на дијагнозите на нашите тогашни соговорници и ќе ги прашаме уште еднаш, дали им се исполнуваат очекувањата. Ќе поканиме и нови соговорнички и соговорници од различни области.

По празничниот викенд, ЦИВИЛ ќе отвори повеќе значајни теми од областа на човековите права, демократските процеси и изборите. Дел од активностите на оваа серија настани ќе бидат и работилници за изработка на стратешки документ со работен наслов ЦИВИЛ 30 посветен на стратешките определби на организацијата во третата деценија од нејзиното постоење (2019-2029).

Како и секогаш, ЦИВИЛ ќе ја искористи можноста за средби и разговори со заинтересираните граѓанки и граѓани и претставници на граѓанското општество кои се заинтересирани за соработка со ЦИВИЛ.

Перспективи 2.0 ќе трае до 5 јуни, речиси секој работен ден, на различни локации. За програмата и другите содржини поврзани со оваа нова серија настани, следете ги објавите на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Програмата е флексибилна и отворена за сугестии и учество. Хаштаг на настанот е #ПерспективиМК.

„Перспективи 2.0“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Оваа вест е достапна и на: English