Да живее разноликоста, критиката и изборот!

Младичот вели, шуќур, за разлика од пред некоја година, почна да се дискутира и за квалитетот на кандидатските листи за изборите. Тоа е добро, и таа дискусија треба да се поттикнува, а не да се гуши.

Во тоа име, неколку поенти.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Најпрвин, околу учеството на активисти од Шарената револуција на листите, младичот би сакал повторно да потсети дека, покрај граѓанските активисти и неопределените граѓани, и други партии учествуваа во Шарената револуција, и дека СДСМ, па и граѓанските активисти кои се на листите на оваа коалиција, немаат право да се прогласат за ексклузивни застапници на "шарените" или на други граѓански протести. На пример, на многуте протести во изминативе години учествуваа и членови на Левица, Достоинство, Обединети за Македонија, разни структури со предзнак ВМРО (ФРОДЕМ, ВМРО-НП итн...), па и членови на Унитети, ПДП, Беса... Кој и како ќе ги застапува граѓаните и нивните барања од десетиците движења и масовни протести во последниве неколку години, ќе се види многу брзо.

Затоа, младичот со нетрпение ги очекува листите и на другите коалиции, да ги видиме и таму кандидатите и нивниот квалитет. Па, потоа, да ги анализираме и програмите, пристапот и реториката на тие што ќе се натпреваруваат на изборите.

Второ, тоа што на предложените листи на СДСМ се најдоа ликови како Лилјана Поповска или Ферид Мухиќ, кои до неодамна беа поддржувачи на политиките на режимот, а и ликови кои се хомофоби, противници на абортусот, верски конзервативци, итн, отвора простор за поголемо критичко восприемање на политичката понуда пред денот на одлука, 11 декември. И тоа е, исто така, добро.

За разлика од многумина, младичот не е воопшто разочаран. Напротив, го радуваат овие грешки во чекори на најголемата опозициска коалиција, затоа што па и некритичкото голтање на сè што се сервира од кујните на Бихаќка, не е на арно. Подобро е што овој сигнал на компромисерство дојде порано, отколку подоцна. Белки ќе ги свести и луѓето во таа коалиција, во другите коалиции, а богами и гласачите. Затоа што избор помеѓу помалото и поголемото зло не ни врши веќе работа. А ниту слепата доверба.

Да резимираме, почитувани лепотанки и лепотани: Овие вратоломии може да го ублажат малку, но не и да го одложат падот на МВРО. Штетата од овие "стратегии" секогаш оди на конто на оние што ги создаваат и спроведуваат, а не извлекуваат поуки и не се опаметуваат.

Најбитно од сè: Гласајте за кого било, само не за началниците, кои го погазија нашиот уставен и правен поредок, влегоа до гуша во криминал и кражба, и ни го уништија општеството. За да ја поправиме штетата, ќе ни треба долгогодишна посветена и напорна работа, базирана пред сè на идеализам, а не на јалова прагма и компромиси. Затоа - да живее изборот, нека има што повеќе разноликост, критика, опции, затоа што главата од вишок не боли!