Даниелсон ги слушна невладините

Генералниот директор на Директоратот за проширување при Европската комисија во Брисел, Кристијан Даниелсон ја посети Република Македонија минатата недела, средба која има исклучително високо значење за иднината на земјата. Во средбата со четворица претставници на организации на граѓанското општество, меѓу кои и со Претседателот на Цивил, Џабир Дерала, Даниелсон се информира за состојбите во земјата и тоа за состојбата со медиумите, почитувањето на човековите права и изборниот процес.

Претставникот на Цивил изнесе оценки за стрмоглавиот пад на слободата на изразување и медиумските слободи во земјата. Воедно, го истакна проблемот со политичките затвореници во земјата. Во рамките на информацијата за политичките затвореници, беше истакнат и случајот Кежаровски.

Состојбата на човековите права и слободи во Македонија е загрижувачка и се влошува, додека меѓуетничките односи се закануваат да ја разнишаат и така кревката стабилност и безбедност на земјата.

Кршењето на човековите права и политизацијата на институциите се основните пречки за владеењето на правото, особено со партискиот диктат врз судството, полицијата и другите институции.

Дерала ја повтори и оценката за изборниот процес во кој доминираа етничките теми, а самиот процес беше проследен со крајно сериозни нерегуларности меѓу кои највидливи беа злоупотребата на јавните и државните ресурси и администрацијата, како и големите проблеми кои го следеа Избирачкиот список, односно нивната манифестација на теренот.

На крајот на оваа средба, сепак, се изрази надеж дека Европската Комисија ќе ја задржи препораката за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ за Македонија, бидејќи друг излез за оваа земја нема.