Неколку медиуми вчера го објавија Фејсбук статусот на СДСМ Виница кои објавија фотографија за која тврдат дека е Фејсбук статус на Димитар Прокопенко, директор на Центарот за социјални работи - Виница.
„Мене искрено ми е жал што црнците се подобри од белците, но они се вонземљаци и ние во наредните 10 години освен со оружје со друго со ништо не можеме да ги победиме, јас отворено сум за белата раса, и еден ден црнци стварно ќе ги победиме во секој поглед и ќе го укинеме англискиот. МРТОВ ЦРНЕЦ ДОБАР ЦРНЕЦ, НАПРЕД БАЛКАН, НАПРЕД МАКЕДОНИЈА, НАПРЕД СРБИЈА!“, пишува на фотографијата.
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Александар Даштевски за ЦИВИЛ Медиа изјави дека комисијата за случајот со Фејсбук статусот на директорот Прокопенко немаат покренато постапка за да утврдат дали има дискриминација.
„Може некој да испрати постапка преку писмена форма и во тој случај комисијата ќе го разгледа случајот. Ние самите не покренуваме постапка, освен ако е нешто многу битно“, вели Даштевски.
Директорот Прокопенко, демантираше дека тој самиот го напишал статусот, односно тврди дека некој му го хакирал Фејсбук профилот.
„Во оваа прилика целосно ја демантирам изнесената информација како невистина за што во текот на вчерашниот ден ја демантирав и од мојот фејсбук профил кој беше хакиран и злоупотребен од непознато лице. Сето ова е конструкција на СДСМ во Виница со цел да ме деградира како личност и директор на Центарот за социјални работа - Виница“, истакна Прокопенко.
Сепак, остануваат отворени неколку алармантни прашања кои ги поставува ЦИВИЛ - Центар за слобода: Кој ќе сноси одговорност во овој експлицитен случај на говор на омраза кој се појавува на социјалниот профил на раководител на институција и тоа, ни помалку ни повеќе, за социјална работа?
Дали институциите задолжени да спречуваат дискриминација ќе почнат конечно да работат без да чекаат писмена претставка, а со тоа лицата вработени таму да ги оправдаат своите плати и другите трошоци пред граѓанките и граѓаните на Република Македонија? Дали МВР ќе го истражи случајот и дали ќе се обиде да открие кој му го хакирал Фејсбук профилот на директорот Прокопенко, имајќи предвид дека не знаеме дали случајот го пријавил во полиција?
Дехран Муратов
Оваа вест е достапна и на: Albanian