Дебата на слободата во Куманово

Уметничкото творештво низ песната на поетот, на пејачот и ликовната творба на сликарот примарно ја артикулира уметничката, а потоа општествената потреба за слобода. Цензурата во Македонија е евидентна, но одговорноста на уметниците и интелектуалците доаѓа до израз токму во вакви времиња. 

Дебата „Македонија, со или без слобода“ (од десно на лево): Петрит Сарачини, Тони Зен, Елена Пренџова, Џабир Дерала

Дебата „Македонија, со или без слобода“ (од десно на лево): Петрит Сарачини, Тони Зен, Елена Пренџова, Џабир Дерала

Улогата и одговорноста на уметниците во услови на континуирано гушење на слободата на изразувањето и кршењето на човековите права и слободи беше главното прашање на дебатата „Македонија, со или без слобода“ на Караванот на слободата во Куманово, на која учество зедоа музичарот Тони Зен, поетесата Елена Пренџова и новинарот, музичар и граѓански активист Петрит Сарачини. Модератор на оваа дебата беше Џабир Дерала, кој на почетокот го цитираше Џорџ Орвел „Во време на масовна измама, кажувањето на вистината е херојски чин“ и ги претстави алармантните состојби во македонското општество.

 

Елена Пренџова

Елена Пренџова

За поетесата Елена Пренџова битна е социјалната димензија на македонското нехумано општество, во кое граѓаните се или невработени, или работат за многу ниски плати, колку да ги намират елементарните трошоци. Досега не се соочила со директна и отворена цензура во нејзиното творештво и јавни настапи. Таа говореше за моќта на зборот, како оружје на духот кое предизвикува конструктивни промени, но само тогаш, кога ќе допре до јавноста. „Уметничката сцена е арена во која ние сите треба да се бориме со силен уметнички глас“, рече Пренџова.

Тони Зен

Тони Зен

Тони Зен се осврна на медиумската цензура на неговото творештво. Но, тоа воопшто не е пречка, тој и натаму да продолжи да твори и да ги пренесува пораките до своите фанови, преку содржината на неговите раперски песни, поезија со музички ритам.

„Инспирацијата ја црпам од самото постоење, животот, свеста која го искусува ‘сега’. Тоа што сум, постојам, спознавањето, искуствата, пишувањето песни... А, благодарение на новата технологија, има можност секој да си го пронајде патот. Сум рекол дека нема да се цензурирам, но испадна дека вистината во моите песни, повеќе ја разбираат повозрасните. Јас се повлеков, не дека имало нешто толку санкции кон Тони Зен, но имаше национална телевизија од каде ми рекле, дека моите песни не може да се емитуваат, зашто не се во нивниот концепт. Темата „Под контрола“, беше цензурирана, но тоа не беше пречка да допре до публиката“, рече Зен.

Петрит Сарачини

Петрит Сарачини

Петрит Сарачини говореше за улогата на граѓанскиот активизам, за допирните точки меѓу уметноста, неговиот ангажман како медиумски експерт и новинар и активизмот.

„Колку повеќе недостигаат слободите во општеството, толку новинарот му се приближува на активизмот. Тогаш активизмот станува некаков егзил од големите медиуми, па новинарите го работат новинарството во друга форма. Во услови каде државата е окупирана од партиите на власт, каде уметноста, економијата, здравството, сите сегменти се опфатени од владејачките партии тогаш се очекува, многу луѓе кои работат во овие сектори да излезат надвор, на протести, на кои ги бараат своите права. Зашто кога институциите и општеството не им обезбедува слобода, тогаш тие сами доаѓаат на патот на слободата“, рече Сарачини.

Анализирајќи ја улогата на уметноста на патот кон заштитата и враќањето на слободата како фундаментално човеково право тој смета дека ниту една цензура во општеството, не може да ја запре уметноста.

„Доколку уметноста е добра таа како игла ке си го најде својот простор кај медиумите и граѓаните,ако не е добра, таа ќе остане на исто ниво, без оглед колку ќе ја шетате по пифтијади, по сармијади...“, оцени Сарачини.

fcp debata kumanovo

Во преполната сала во зградата на Комитетот на Куманово која општинските власти љубезно ја отстапија за потребите на ЦИВИЛ, се разви жива дискусија. Присутните ја нагласија потребата од вакви настани, посветени на актуелните теми, случувања и настани во македонската сложена општествено-политичка реалност.

„ЦИВИЛ влегува во сржта на настаните од актуелната македонска реалност, а овие дебати се повеќе од потребни за сите граѓани, но најмногу за новите, млади генерации“, констатираше еден од учесниците на дебатата.

Моника Талеска