ЦИВИЛ - Центар за слобода, како дел од Караванот на слободата, денес ќе организира дебата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, со почеток во 12 часот во хотелот „Сити Парк“ во Скопје. На дебатата ќе учествуваат Драган Малиновски, поранешен претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика, Миша Поповиќ од Институтот за демократија – Социетас Цивилис, Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики и Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
На дебатата ќе бидат емитувани видео-интервјуа со Петре Шилегов (СДСМ), Павле Трајанов (ДС), Стојанче Ангелов (Достоинство) и Беким Фазлиу (ДПА), кои одговарат на идентични прашања, поврзани со изборниот процес и со политичката корупција.
Преку прашања и коментари, можност за учество на дебатата ќе имат и присутните на настанот, претставници на политички партии, на граѓански организации, на меѓународни институции и на медиуми, кои ги третират овие прашања од различни аспекти.
Дебатата е дел од Караванот на слободата, кој во изминативе неколку месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.
Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ - Центар за слобода и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество. Тој е динамичен мултимедијален проект, кој го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.