Деца се злоупотребуваат на митинзи

Малолетни деца носеле вчера знаме на митингот на Демократската унија за интеграција во околината на Неготино, Полошко, знаме на партијата, што може да се види од сликите кои ги испрати набљудувачот на Цивил.

Исто така, деца од Куманово учествувале на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во друштво на нивните родители кои се партиски активисти. Нашиот набљудувач известува дека е зголемен бројот на деца кои учествуваат на митинзи и одат по партиски штабови. Децата за таа цел се ослободуваат од настава без никакво оправдување. Овие деца носат маички и капи кои ги промовираат партиските интереси.

Вчера во изјава за Цивил-Медија заменик Народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа ги повика родителите да не ги носат своите деца на митинзи.

“Ние ја следиме ситуацијата и, според тоа што имаме видено, овие деца излегуваат со своите родители. Ние како институција не може да направиме ништо, освен да упатиме апел до родителите да се воздржуваат и да не ги злоупотребуваат децата за нивните партиски и политички цели”, рече Бајрамовска-Мустафа.

 

Арбана Ќерими

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish