Децата се злоупотребуваат во кампањите на политичките партии. Набљудувачите на Цивил забележаа неколку случаи на злоупотреба на децата за политички цели во кампањите на претседателските и предвремените парламентарни избори.
Последниот случај во Ресен, кога кандидатите на една партија имаа средба со граѓаните, од кој настан постирале на фејсбук, јасно се гледа дека има малолетни деца, облечени со партиски блузи и капи. Друг случај кој го забележаа нашите набљудувачи е тој во општина Центар, каде што ученици на средни училишта се користат за да бушат гуми и да оштетуваат возила на луѓе кои се од спротивната партија. Во парк во Куманово, децата од едно средно училиште ги офарбале клупите и дел од тротоарот со боите на една политичка партија.
Потсетуваме дека Цивил алармираше за злоупотреба на децата во кампањи уште од првата недела на предизборието.Во две средни училишта во Скопје, учениците биле ослободени од настава, за да учествуваат на митинг во Охрид. Во едното училиште им рекле дека во Охрид ќе пее Даниел Кајмаковски, а во другото училиште на учениците со послаб успех им ветиле дека ќе им ги поправат оценките.
Собранието на Република Македонија во 1991 година усвои Декларација за одбрана на правата на децата од манипулации и злоупотреби за политички и партиски придобивки. Во Законот за одбрана на децата се вели: „Се забранува злоупотребата на децата за политичко или верско организирање и делување“.
Арбана Ќерими