Декларација за принципите на толеранција
16 ноември 1995
Земјите-членки на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации, се состанаа во Париз во
рамките на дваесет и осмата сесија на Генералната конференција што се одржа од 25 октомври до 16 ноември 1995
година.Преамбула
Имајќи на ум дека Повелбата на Обединетите нации вели: ‘Ние, народите на Обединетите нации решени сме да ги
спасиме идните генерации од злото на војната, ... да ја афирмираме вербата во основните човекови права, во
достоинството и вредноста на човековата личност, ... и за оваа цел да се практикува толеранција и соживот во мир, едни
со други, како добри соседи’,
Потсетувајќи се дека во Преамбулата на Уставот на УНЕСКО, усвоен на 16 ноември 1945 г., се вели дека ’мирот, ако не
сакаме да пропадне, мора да се заснова на интелектуална и морална солидарност на човештвото’,
Исто така потсетувајќи се дека во Универзалната декларација за човекови права се нагласува дека ’Секој има право на
слобода на мисла, совест и религија’ (Член 18), ’на мислење и изразување’ (Член 19), и дека образованието ’треба да
промовира разбирање, толеранција и пријателство меѓу сите нации, расни и религиозни групи’ (Член 26),
Укажувајќи на релевантните меѓународни инструменти коишто ги вклучуваат:
- Меѓународниот договор за економски, социјални и културни права,
- Конвенцијата за отстранување на сите облици на расна дискриминација,
- Конвенцијата за спречување и казнување на геноцид,
- Конвенцијата за правата на детето,
- Конвенцијата од 1951 г. за статусот на бегалците и нејзиниот Протокол и регионални инструменти од 1967 г.,
- Конвенцијата за отстранување на сите облици на дискриминација на жените,
- Конвенцијата против мачење и други облици на сурово, нечовечко и понижувачко постапување или казнување,
- Изјавата за отстранување на сите облици на нетолеранција засновани на религија или вера,
- Изјавата за правата на лицето кое припаѓа на национално или етничко, религиозно или јазично малцинство,
- Изјавата за мерките за елиминирање на меѓународниот тероризам,
- Виенската декларација и програма за дејствување на Светската конференција за човекови права,
- Копенхашката декларација и програма за дејствување усвоени на Светскиот самит за социјален развој,
- Декларацијата на УНЕСКО за раси и расни предрасуди,
- Конвенцијата и Препораката на УНЕСКО против дискриминација во образованието,
Имајќи ги на ум целите на Третата декада за борба против расизмот и расната дискриминација, Светската декада за
образование во областа на човековите права и меѓународната декада на домородните народи во светот,
Земајќи ги во предвид препораките од регионалните конференции организирани во рамките на Годината за толеранција
на Обединетите нации, а во согласност со Резолуцијата 5.14 од Генералната конференција на УНЕСКО, како и заклучоците
и препораките од други конференции и состаноци организирани од страна на земјите-членки во рамките на програмата на
Годината за толеранција на Обединетите нации,
Вознемирени од актуелниот раст на акти на нетолеранција, насилство, тероризам, ксенофобија, агресивен национализам,
расизам, анти-семитизам, исклучување, маргинализација и дискриминација насочени против национални, етнички,
религиозни и јазични малцинства, бегалци, доселени работници, имигранти и ранливите групи во рамките на општествата,
како и акти на насилство и заплашување што се прават против поединци кои го практикуваат своето право на слобода на
мислење и изразување – а сите тие му се закануваат на консолидирањето на мирот и демократијата, како на национално
така и на меѓународно ниво, и претставуваат пречка во развојот,
Нагласувајќи ја обврската на земјите-членки да развијат и охрабруваат почитување на човековите права и основни
слободи за сите без разлика на расата, полот, јазикот, националното потекло, религијата или инвалидитетот, и да се борат
против нетолеранцијата,
Усвоија и свечено ја прогласија Декларацијата за принципите на толеранција
Решени да ги преземеме сите позитивни мерки неопходни за промовирање на толеранцијата во нашите општества,
бидејќи толеранцијата не е само принцип што се негува, туку и потреба за мир и за економски и општествен напредок на
сите народи,
Го изјавуваме следново:
Член 1 – Значењето на толеранцијата
1.1 Толеранцијата претставува почитување, прифаќање и ценење на богатата разновидност на културите од нашиот свет,
нашите форми на изразување и начини да се биде човек. Тоа се негува со знаење, отвореност, комуникација и слобода на
мисла, свест и верба. Толеранцијата е хармонија на разликите Таа не е само морална обврска, туку исто така е и
политички и правен услов. Толеранцијата е доблеста што го прави мирот возможен, придонесува за замената на културата
на војната со култура на мирот.
1.2 Толеранцијата не е отстапка, удостојување или попуштање. Толеранцијата е, пред сè активен однос што се промовира
со признавање на универзалните човекови права и основните слободи на другите. Таа никогаш не може да се користи за
да се оправда прекршувањето на овие основни вредности. Толеранцијата треба да ја практикуваат поединци, групи и
држави.
1.3 Толеранцијата претставува одговорност која ги поддржува човековите права, плурализмот (вклучувајќи го овде и
културниот плурализам), демократијата и владеењето на правото. Таа вклучува отфрлање на догматизацијата и
апсолутизмот и ги афирмира стандардите утврдени со меѓународните инструменти за човекови права.
1.4 Во согласност со почитувањето на човековите права, практикувањето на толеранцијата не значи и толерирање на
социјалната неправда или напуштање или ослабување на нечии убедувања. Таа значи дека секој е слободен да се
придржува кон сопствените убедувања и да прифати дека и другите се придржуваат кон сопствените. Таа значи
прифаќање на фактот дека човечките суштества, кои по природа се разликуваат во својот изглед, состојба, говор,
однесување и вредности, имаат право да живеат во мир и да бидат такви какви што се. Ова исто така значи и дека нечии
гледишта не можат да се наметнуваат на другите.
Член 2 – Државно ниво
2.1 Толеранцијата на ниво на држава бара праведно и непристрасно законодавство, спроведување на законите и судски и
административен процес. Таа исто така бара и економски и социјални можности кои ќе им се достапни на сите без каква
било дискриминација. Исклучувањето и маргинализацијата можат да доведат до фрустрации, непријателство и фанатизам.
2.2 За да се оствари потолерантно општество, државите можат да ги ратификуваат постоечките конвенции за човекови
права и да изготват нови закони во кои е неопходно да се обезбеди еднаков третман и еднакви можности за сите групи и
поединци во општеството.
2.3 Неопходно е заради постигнување на меѓународна хармонија поединците, заедниците и нациите да го прифатат и
почитуваат мултикултурниот карактер на семејството на човекот. Без толеранција не може да има мир, а без мир не може
да има развој или демократија.
2.4 Нетолеранцијата може да добие форма на маргинализација на ранливите групи и нивно исклучување од социјалното и
политичкото учество како и на насилство и дискриминација против нив. Како што беше потврдено во Декларацијата за
расата и расните предрасуди, ’Сите поединци и групи имаат право да бидат различни’ (Член 1.2).
Член 3 – Општествената димензија
3.1 Во денешниот современ свет толеранцијата е понеопходна од кога и да било претходно. Ова е ера обележана со
глобализацијата на економијата и со брзо растечката мобилност, комуникации, интеграција и независност, миграции и
расселување на населенија од големи размери, урбанизација и менување на општествените шеми. Со оглед дека секој дел
од светот се карактеризира со разновидност, ескалирачката нетолеранција и раздор можат да го загрозат секој регион.
Ова не е ограничено само на некои земји, туку се работи за глобална закана.
3.2 Толеранцијата е неопходна меѓу поединците и на ниво на семејството и заедницата. Промовирањето на толеранција и
обликувањето на ставовите на отвореност, взаемно слушање и солидарност треба да се одвива во училиштата и
универзитетите и преку неформалното образование, дома и на работното место. Средствата за комуникација се во
позиција да играат конструктивна улога во овозможувањето на слободен и отворен дијалог и дискусија, ширејќи ги
вредностите на толеранција, и нагласувајќи ги опасностите од рамнодушност кон растот на нетолерантните групи и
идеологии.
3.3 Како што е потврдено со Декларацијата на УНЕСКО за раса и расни предрасуди, мора да се преземат мерки за да се
обезбеди еднаквост во достоинството и правото на поединците и групите секогаш кога тоа е потребно. Во оваа насока,
посебно внимание треба да им се посвети на ранливите групи коишто се во лоша социјална или економска положба за да
им се пружи заштитата што ја нудат законите и социјалните мерки што се на сила, а посебно во однос на домувањето,
вработувањето и здравјето, заради почитување на автентичноста на нивните култури и вредности и за да се помогне
нивното општествено и професионално напредување и интеграција, особено преку образованието.
3.4 Соодветни научни студии и вмрежувања треба да се направат заради координација на реакцијата на меѓународната
заедница на овој глобален предизвик, вклучително и анализа од страна на социјалните науки за корените и ефективните
противмерки како и истражување и мониторинг во поддршка на креирањето на политики и поставувањето на стандарди од
страна на земјите-членки.
Член 4 – Образование
4.1 Образованието е најефективната мерка за спречување на нетолеранцијата. Првиот чекор во образованието за
толеранцијата е да се подучат луѓето кои се нивните заеднички права и слободи за да можат да бидат почитувани и да се
промовира волјата за заштита на истите од другите.
4.2 Образованието за толеранција треба да се смета како итен императив; затоа е неопходно да се промовираат
систематски и рационални методи за подучување за толеранцијата коишто ќе се осврнат на културните, социјалните,
економските, политичките и религиозните извори на нетолеранција – главните корени на насилството и исклучувањето.
Образовните политики и програми треба да допринесат за развивање на разбирање, солидарност и толеранција меѓу
поединците како и меѓу етничките, социјалните, културните и јазичните групи и нации.
4.3 Образованието за толеранција треба да е насочено кон спречување на влијанијата коишто водат кон страв и
исклучување на другите, и треба да им помогнат на младите луѓе да развијат капацитети за независен суд, критичко
размислување и етичко расудување.
4.4 Ние ветуваме дека ќе ги поддржиме и спроведеме програмите за социјално научни истражувања и образование за
толеранција, човекови права и борба против насилството. Ова значи посветување на посебно внимание на подобрување на
обуката за наставниците, наставните програми, содржините на учебниците и лекциите како и други образовни материјали
вклучително и новите образовни технологии, во насока на образување на грижни и одговорни граѓани отворени за други
култури, способни да ги ценат вредностите на слободата, граѓани кои го почитуваат човековото достоинство и разлики, и
се способни да спречат конфликти или да ги решат со ненасилни средства.
Член 5 – Заложба за делување
Ние сме посветени на заложбата за промовирање на толеранција и ненасилство преку програми и институции на полето на
образованието, науката, културата и комуникацијата.
Член 6 – Меѓународен ден за толеранција
Со цел да се генерира јавна свест, да се нагласат опасностите од нетолеранција и да се реагира со обновена заложба и
акција во поддршка на унапредувањето на толеранцијата и образованието за истата, ние свечено го прогласуваме 16
ноември за Меѓународен ден за толеранција.
Оваа вест е достапна и на: English