ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и на светот.
Денот на победата над фашизмот, кој воедно е и Денот на Европа, за жал, е ден на трауматичното сеќавање на граѓанките и граѓаните на Куманово и на цела Македонија. Тоа е ден кога започна 48-часовната војна во кумановско Диво Насеље, жесток судир со вооружена криминално-терористичка група. Во пресметките загинаа осум припадници на полицијата.
До денешен ден, овој настан го следат недоречености и мистерии околу прашањата кои се однесуваат на организаторите и мотивите за овој тежок безбедносен предизвик за земјата. И додека претседателот Иванов беше на парада во Москва, а медиумите под контрола на власта се обидуваа да манипулираат со јавноста, граѓанките и граѓаните на Куманово и Република Македонија покажаа невидена зрелост и мудрост, сплотеност и определба за мултикултурализам и соживот, кој може да послужи како пример и во европски рамки.
На овој датум, 9 Мај, се слават европските и светските цивилизациски вредности, со кои се промовираат човековите права и слободи, демократијата, еднаквоста, социјалната правда и владеењето на правото. Ова е ден кога треба да се потсетиме на ужасите кои може да ги донесат војната и поделбите и кога на неправдата треба да одговориме со повик за заедништво и почитување на човековото достоинство и правото на живот. Овие вредности не се административна мерка, туку се суштината на политичката култура и цивилизациски дострели кон кои мораме да се стремиме како општество.
ЦИВИЛ ќе го одбележи Денот на Европа работно, со панел дискусија токму во Куманово, на тема „Диво Насеље, три години потоа...“, како дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“.