Политичкиот хаос кој завладеа во Македонија можеше да биде избегнат, а кога веќе се случи, тој можеше да се ублажи со добра волја и неколку збора на искреност и чесност. Тие неколку збора се уште можат да бидат изговорени, а тие што ќе ги изговорат ќе бидат запаметени по добро, а не по лошо, како луѓе со доблести, а не како предавници
Џабир Дерала
Агитпроп машинериите работат со полна пареа. Можеме да видиме сé, само не демократски политички натпревар. Политичкиот опонент се доживува и се третира како смртен непријател, различното мислење се смета за личен атак, а граѓаните се само топовско месо за политичките пресметки.
Барањата на опозицијата за одложување на рокот за пријавување кандидатури и на изборите и организирање вонредни парламентарни избори доколку опозицијата освои повеќе гласови на локалните, беше дочекано со манир кој потсетува на шпагети вестерните. Одговорот беше во стилот: „остај ти барања, туку гледај ја шо ти кажувам, а ако не го прифатиш ова до 7 вечерва, мисли му ја...“ Партијата на власт можеше да покаже повеќе политички слух за предлогот на опозицијата.
Со други зборови, декларациите за подготвеност на дијалог се покажа дека се празни зборови. Бојкотирањето на изборите не е најсреќната опција што може да ја одбере опозицијата, но настаните и однесувањето на владејачката гарнитура секако водеа кон политичка криза. Криењето зад легализам нема да ја поправи ситуацијата, а секако дека легитимитетот не се гради врз повикување на закон само тогаш кога тоа некому му одговара.
Живееме во време на притисоци, закани и уцени. Молкот стана навика. Кршењето на човековите права и слободи, дискриминацијата и политизацијата се масовни. Слободата на говорот и медиумите се под дебелата сенка на владата. Луѓето се длабоко поделени и гледаат едни кон други со нетрпеливост и омраза. Стравот и неизвесноста, а не доблестите, владеат со нашето секојдневие. Политичките тензии внесоа поделби, нервоза и непочитување дури и во семејствата.
Институциите се потонати во прангите на теснопартиските интереси и функционирањето по партиски клуч. Тие не функционираат како сервис на граѓаните, туку како партиски тврдини, а со тоа се губи и довербата на граѓаните кон нив. Тоа не обезбедува легитимност на политичките процеси, без оглед на тоа дали опозицијата ги бојкотира изборите или не. Бојкотот само дополнително ја комплицира и така сложената ситуација.
Владата сé уште ги има сите инструменти на располагање да ја подобри состојбата во земјата со тоа што ќе обезбеди услови за надминување на политичката криза и обновување на дијалогот кој е замрен веќе со години. Ако кажеме дека владата ги има инструментите за подобрување на состојбите, тоа е комплимент, бидејќи значи дека државата не е во тотален хаос. Сé уште. Време е да се преземат итни чекори за санирање на демократијата во земјата, пред да се дојде до точката од која нема враќање, а таа не е многу далеку.
Секој ден, секој од нас, граѓанките и граѓаните на оваа земја, се соочува со неизвесност и проблеми. Секој ден во земја каква што ни ја креираат политичките елити е изгубен ден, залудно потрошено време за преживување, а не за уживање во животот. Наместо да биде ден на спокојство и денешниот ден ќе заврши со уште едно разочарување и немир, неизвесност за утре.
Земјата е ставена во кочија која ја влечат побеснети коњи, а кочијашите се пијани од суета. Бездната е многу блиску.
Политичкиот хаос кој завладеа во Македонија можеше да биде избегнат, а кога веќе се случи, тој можеше да се ублажи со добра волја и неколку збора на искреност и чесност. Тие неколку збора се уште можат да бидат изговорени, а тие што ќе ги изговорат ќе бидат запаметени по добро, а не по лошо, како луѓе со доблести, а не како предавници.
Помирувањето не значи пораз, а дијалогот не е предавство. Кога ќе се разбере ова, Македонија има шанси да стане демократска држава. Во спротивно, кризата ќе се продлабочува, а од политичка, таа ќе прерасне во безбедносна криза.