ДИК го повлече од Интернет списокот на сомнителни гласачи за теренска проверка

По барање на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Државната изборна комисија го повлече од јавен увид на Интернет - Избирачкиот список со вкупниот број гласачи, како и Списокот на неконзистентни записи - предмет на теренски проверки што опфаќа 89.000 спорни гласачи.

По однос на првото решение, за Избирачкиот список, во кој беше достапна проверка по име и презиме, адреса и место на гласање, донесена е одлука да се поднесе тужба пред Управниот суд, со образложение дека повлекувањето на Избирачкиот список е во спротивност на Изборниот законик.

Според Дирекцијата, Изборниот законик во член 55 став 1, предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. А, со овозможување електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку Интернет за неодреден период, според Дирекцијата, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ - Центар за слобода, вели дека објавување на лични податоци на луѓето, во принцип, е кршење на правото на приватност и дека целиот процес изгледа како да е на стаклени нозе. Тој додава дека е проблематично што партиските членови на ДИК имаат пристап до целосниот материјал, што созадава сомнеж дека тие податоци може да бидат злоупотребени за изборни манипулации.

„Тоа што го објавуваат списокот на проблематични гласачи, исто така, може да биде проблем, бидејќи овде имаме ситуација на издвојување на дел од гласачите за кои постои сомнеж, меѓутоа, не е утврдена нерелевантноста на податоците. Пред да се утврди дали тој сомнеж е основан или не, тие податоци, всушност, не треба да бидат јавни, затоа што има обележување, дискриминација на еден дел од гласачите, и тоа не е во ред и не е коректно. Добиваме информации дека теренската проверка не се одвива според саканите стандарди. Овој пристап до сомнителните записи во Избирачкиот список, тоа што е тој јавен, има уште поголем проблем и можност дел од теренската проверка да има многу сомнителен квалитет“, вели Дерала.

Дехран Муратов