И по стотиците пријави од граѓани кои пристигнаа во последните 24 часа во ЦИВИЛ - Центар за слобода, Државната изборна комисија сé уште e без одговори. Освен официјалното соопштение дека се работи за технички проблем и дека истиот нема да влијае врз Избирачкиот список, ДИК нема конкретни одговори за пријавите на граѓаните кои во последните два дена се избришани од списокот! ЦИВИЛ и понатаму инсистира на адекватна реакција на ДИК, пред сé, поради граѓан(к)ите на Македонија кои заслужуваат прецизни информации и овозможување на нивното, уставно загарантирано право!
Граѓанка која побара да остане анонимна, видно вознемирена, ја раскажа за ЦИВИЛ Медиа, телефонската голгота која ја доживеала денес, во контакт со ДИК.
Нејзината приказна го илустрира хаосот кој владее во ДИК, на само неколку денови пред изборите. Откако не се нашла на Избирачкиот список, граѓанката Ј. Д. побарала објаснување од ДИК. Во текот на само еден телефонски разговор со Одделението за избирачки листи во ДИК, добила најмалку пет различни одговори! Најпрво, ѝ било кажано дека можеби сега ја нема, бидејќи имаат технички проблем, но „во недела сигурно ќе ја има на список“. Кога инсистирала да го види своето име на списокот пред денот на изборите, ѝ одговориле дека тоа не е возможно, бидејќи според нивните податоци, нејзината лична карта е со изминат рок. Граѓанката тврди дека нејзината лична карта има рок на важност до 2020 година! Потоа, ѝ било кажано дека била на таканаречениот список на спорни и дека требало да се пријави во законскиот рок предвиден за пријавување на лица кои фигурираат како фантомски гласачи. Кога објаснила дека на нејзината адреса нема фантомски гласачи, добила одговор да се обрати во МВР и да ги пријави останатите жители, бидејќи на адресата биле многу станари на број?! Со други зборови, да го пријави сопственото семејство како фантомско!
На крајот, заклучокот што го донел ДИК е - дека Избирачкиот список е затворен и дека во нејзиното име сигурно нема да се најде на истиот, односно, дека на изборите на 11-ти декември таа нема да го оствари нејзиното уставно загарантирано право на глас, иако досега, 20 години гласала на истата адреса без проблем! Кога прашала дали доколку поднесе претставка до ДИК, ќе успее да направи нешто, ѝ одговориле дека тоа е нејзино граѓанско право, но дека ваквата претставка нема да влијае врз нивната одлука - да биде избришана од Избирачкиот список.
Со горчина во гласот, граѓанката нѝ заблагодари што сме ја ислушале и ни посака: „Со среќа на изборите, пријатно гласање, бидејќи очигледно, јас нема да гласам!“
ЦИВИЛ - Центар за слобода бара од Државната изборна комисија да излезе со јасен и недвосмислен став пред јавноста. Оваа институција која располага со милионски буџет, имастотици вработени и има помош од странство, не смее да си дозволи никаков технички проблем на само една недела пред избори! Доколку навистина ДИК се соочува со ваков проблем, нејзините претставници мора на прес-конференција да ѝ објаснат на јавноста што се случува. ДИК мора да ги смири граѓан(к)ите и да го реши проблемот. Едноставно, да им потенцира дека не треба да се откажат од своето право на глас!
ДИК мора да биде свесна дека и покрај огромната медиумска кампања, граѓаните се неинформирани за состојбите со Избирачкиот список, како и за постапките кои треба да ги преземат за да се најдат на истиот. ДИК не само што недоволно ја информираше јавноста, туку ги менуваше постапките додека траеше рокот за поднесување на пријави, па граѓаните беа втурнати во бирократски лавиринт.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓанките и граѓаните да не се откажуваат и да поднесуваат писмени барања до Државната изборна комисија.