ДИК прифати само еден приговор, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека и тоа е незаконски!

Државната изборна комисија во саботата, по неколкудневна, макотрпна работа зад барикади, заштитувана од полициски специјалци, под притисок на толпата демонстранти на улицата пред објектот на некогашна „Нова Македонија“, конечно, прифати само еден приговор на Беса, два приговора беа повлечени од поднесувачот - СДСМ, а останатите 13 беа одбиени. Но, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ објави проглас дека „ДИК донела незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот“, а лидерот Никола Груевски, пред демонстрантите најави дека доколку Управниот суд не ја исправи одлуката на ДИК, „ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од тоа прегласување и нема да учествува во прегласувањето“.

Незадоволните од одлуките на ДИК имаат 24 часа да поднесат жалби до Управиот суд, кој има рок од 48 часа да донесе одлука и да ги официјализира резултатите на предвремените парламентарни избори одржани на 11-ти декември.

Со тоа, одговорноста е префрлена пред Управниот суд, а по говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред демонстрантите кои три дена, според нивните изјави, ја „бранеа Македонија“ и „волјата на народот“, може да се очекува, „спонтаните“ демонстрации, да продолжат и пред судот.

Вчера, со четири гласа „за“ и со четири „против“, зашто членот на ДИК од ДУИ се иззема од гласањето, по целодневна расправа, попречувана од скандирањето на демонстрантите, беше одбиен и последниот приговор на СДСМ за избирачкото место 2011 во Теарце, иако партијата тврдеше дека изнесеното гласачко ливче од Избирачкото место, било искористено за „бугарски воз“.

dik-pauza1

Така, ДИК со 6 гласа „за“ и 3 гласа „против“, го прифати само приговорот на Беса за неправилности при гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар, каде граѓанката Фатиме Сулејмани не можела да го искористи своето право на глас затоа што претходно некој веќе гласал во нејзино име, што беше и докажано со графолошко вештачење.

Прегласувањето на ова Избирачко место може да го смени конечниот резултат за освоени пратенички места во Собранието од Избирачката единица 6, зашто разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е „тесна“, околу 300 гласа.

По ваквата разврска, реагираше владеачката партија.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница донесе проглас, во кој се вели дека ДИК донесе незаконски одлуки, со цел изигрување на изборната волја на народот, а работата на ДИК се претвори во пародија“, им порача Никола Груевски на своите приврзаници кои вршеа притисок врз ДИК со неколкудневните протести, скандирања и закани. Според него, „незаконските одлуки на ДИК“ може да ги исправи Управниот суд, кого го повика да не дозволи да трпи влијание од никого.

Груевски се закани дека „доколку и Судот ги потврди незаконските одлуки на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од тоа прегласување и нема да учествува во прегласувањето!“

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English