ДИК: „Спорните“ да се информираат за причините поради кои се нашле на листата!

По објавувањето на јавната кампања, со која Државната изборна комисија, ги повикува граѓанките и граѓаните да се пријават, доколку забележат дека се на листата на спорни гласачи, бројот на пријави се зголеми за само 336, односно од 1.224 пријави кои пристигнаа до вчера, денес таа бројка изнесува 1.560. Тоа значи дека, резултатите од едукативната кампања на ДИК се уште не се видливи и продолжува малиот одзив на пријави

Доколку пријавувањето продолжи со ова темпо, потребни ќе бидат повеќе од 100 дена, за пријавување на сите спорни гласачи. Најголем број пријавени до денеска има во општините Чаир, Тетово, Центар, Аеродром, Кичево и Гостивар. Од подрачните единици на ДИК (Прилеп, Чаир, Гевгелија), со кои ЦИВИЛ Медиа се обиде да стапи во контакт, велат дека информации за тоа како тече процесот на пријавување на спорни гласачи, според упатството за работа кое им е испратено, може да се добие само од ДИК во Скопје.

Тоа што од денеска е новост е воведување на посебна категорија каде се наведува причината поради која некое лице е дел од листата на спорни гласачи. Се работи за 21 различна причина, коишто треба да бидат објаснувања зошто некој се наоѓа на таа листа.

сфд

Како што ЦИВИЛ - Центар за слобода објави вчера, уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ, е дел од таа листа, а од денеска како објаснување, ДИК наведува дека тој своето место и без претходна теренска проверка на неговата адреса, го заслужил по два основа. „Да се најдат избирачи по станови (т.е. адреси со број на станови кои не се празни) со повеќе од 3 варијации на презимиња на секоја адреса (машки/женски варијанти се третираат како исти), и каде има друг гласач со друго презиме на истата адреса чија возраст е различна за 10- 15 години“ се причините кои се наведени.

До 19-ти август, како краен рок за пријавување на спорните гласачи, остануваат уште само две недели. ЦИВИЛ ги повика сите граѓан(к)и да ја извршат својата граѓанска должност, да проверат дали се дел од новата листа и ако тоа е случај – да се пријават, за да придонесат кон пречистувањето на Избирачкиот список и кон обезбедувањето услови за фер и демократски избори.

Сепак, досегашното искуство, кое говори за недоследностите, најпрво во Избирачкиот список, потоа во теренската проверка, а сега и во листата на спорни гласачи, остава простор за сериозен сомнеж дека, ова е вистинскиот начин за прочистување на Избирачкиот список.

Марија Теговска