Државната изборна комисија има право да покрене постапка, ако утврди дека потписите на предложените кандидати за пратеници не се совпаѓаат, потенцира правниот експерт на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Сандра Гавриловска.
Откако вчера, ДИК донесе одлука да ги отфрли и кандидатските листи за пратеници на Народното движење за Македонија (НДМ) на Јанко Бачев, бидејќи биле утврдени бројни неправилности во листите, како несовпаѓање на потписите на изјавите за неосудуваност и за прифаќање на кандидатурите, односно на листите на предложените кандидати и на промената на кандидати, правниот експерт на ЦИВИЛ - Центар за слобода, адвокатката Сандра Гавриловска, изјави за ЦИВИЛ Медиа дека ДИК има и право да покрене постапка.
„Веродостојноста на потписите се утврдува со графолошко вештачење. Пријава за фалсификување може да поднесе лицето чиј потпис е фалсификуван, а исто така, може и ДИК да поднесе пријава, а потоа Обвинителството може да ја продолжи постапката“, изјави Гавриловска за ЦИВИЛ Медиа.
ДИК претходно ги отфрли и листите на Социјалдемократска партија на Македонија на Македонија - СДПМ на Бранко Јаневски, која, и на овие избори како и на претходните, се обиде да ги доведе до конфузија гласачите, со кандидати за пратеници со исти или слични имиња со носителите на СДСМ.ќ
Д.М.