ДИК: Временските неприлики и одморите виновни за малиот одзив на спорни гласачи!

Oд 39.502 спорни гласачи во Избирачкиот список, само 8.922 пријави стигнале на адресата на Државната изборна комисија, од кои 3.620 биле доставени лично до ДИК или до нејзините подрачни единици, додека 5.302 биле поднесени преку електронската апликација

Во период од 25 дена, од 26 јули до 19 август, Избирачкиот список повторно беше на јавен увид за граѓанките и граѓаните. За бројката од 30.467 непријавени лица, ќе се утврдуваат причините, по одговорот на писменото барање на ДИК до Управата на матични книги.

Според извештајот на ДИК овие 30.467 лица ќе имаат дополнителна можност да се пријават на јавниот увид  пред предвремените избори во декември оваа година.

Како што изјави д-р Субхи Јакупи, поранешен потпретседател, а сегашен член на ДИК, и покрај јавниот повик, медиумската кампања, личното повикување (по пошта),  кампања во дигиталните и во печатените медиуми, можноста за електронско пријавување, дури и од мобилен апарат, за резултатите од 20%, од вкупниот број на пријавени спорни гласачи во активната проверка на Избирачкиот список, не е виновна Државната изборна комисија!

Едногласно, членовите на ДИК го усвоија извештајот, а за неуспехот, според нив, виновни се временските прилики и годишните одмори. Сепак, бројката е малку пониска, како што изјави и д-р Јакупи, од „просечната  според Европските стандарди за активна регистрација на гласачи“.

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: Albanian