Shukp, 24.12.2012

ДИКТАТУРА

Очекувано не се остварија прогнозите за крајот на светот, очекувано во Македонија и формално е воведена диктатура и владетелите кои беа во паника дека со блокада на буџетот ќе станат сиромашна како и граѓаните, сега „спокојно“ќе можат да ги трошат нивните пари, безразборно, како и до сега

Ристо Поповски 

Скопје, 24.12.2012Диктатура е кога оние што се на власт, не можејќи на легитимен начин да ги решаваат проблемите, ги уриваат или ги ставаат вон сила законите и демократските институции. Диктатура е автократски политички режим спротивен на демократијата во кој нема ниту формална демократија, ниту можност за контрола и менување на оние кои власта ја вршат во име на народот.

Овие дефиниции за диктатурата се учат во основно училиште. Оние што бегале од часови, во понеделникот имаа можност на скопските улици и преку ТВ екраните во живо да го следат воведување на диктатура во Македонија. Кршење на Устав и непочитување на закони имало и до сега, но во понеделникот, со примена на сила и полициска бруталност, формално е воведена е дикатура.

Скопје, 24.12.2012

Скопје, 24.12.2012

Пратениците од опозицијата кои се легитимно избрани од народот, насилно, како криминалци, беа исфрлени од Собранието. Така и им треба кога се дрзнаа да и пречат на позицијата да прави што сака како, впрочем, и во сите изминати години. Решена по секоја цена да го донесе буџетот, по однапред подготвено и најавено сценарио, власта насилно ги отстрани новинарите од Собранието. Тие не смееа да бидат сведоци на полициската бруталност кон опозицијата, ниту пак да го нарушат „свечениот чин“ на усвојување на буџетот со аплауз. Кому аплаудираа пратениците? Сами себе на „доблеста“ да воведат диктатура? Народот, на кој се повикуваа, сигурно нема да им аплаудира за кршење на Уставот и законите.

Сè друго само не аплауз, заслужуваат и власта и опозицијата поради злоупотреба на „случување на народот“, сценарио познато од најцрните денови на дикатурата на Слободан Милошевиќ. „Самоорганизирање“ на приврзеници на власта против опозицијата: митинг, контрамитинг, народ против народ. За што? Во чие име? Народот, кој го делат и спротивставуваат на митинзи, од тоа сигурно нема подобро да живее. Манипулирањето со маките и сиромаштијата на народот само ја покажа немоќта и на власта и на опозицијата.

Она што се случуваше со и околу донесувањето на буџетот само е потврда на катастрофалната состојба во државата. Делби по сите основи, главно наметнати или смислено предизвикани, галопирачка сиромаштија, економска и духовна, газење на демократијата, на основните права и слободи на човекот. Дали овие „вредности“ се бранеа и треба да се бранат со контрамитинзи и митинзи? Особено, ако во преден план е и личната „пресметка“ меѓу лидерите на партиите на власта и во опозиција. Какви се тие политичари кои во своите кавги го вовлекуваат народот и дозволуваат државата, народот и нивната иднина да бидат заложници на суети и гола борба за власт?

Клучно е прашањето зошто мораше да се донесе буџетот, дури и со дикатура. Опозицијата со блокадата настојувше да го затвори вентилот на безразборно трошење на пари, а власта беше во паника, на граница на хистерија, како никогаш порано. Се однесуваше како да наближува крај на светот. Блокадата можеше до темел да ги разниша позициите на власта која со години  троши повеќе отколку што има, живее на долг а дел од буџетот за идната година однапред е потрошен. Наводните големи успеси и рејтинг се кула од карти која лесно може да се урне. Ако остане без пари власта ќе стане сиромашна како и граѓаните и, конечно, ќе ја дели нивната судбина. Без буџет, кој крие многу тајни, без нови долгови и кредити не може да остане на власт. Барем не долго.

Донесувањето на буџетот со кршење на Уставот и на законската процедура е најлошата опција за Македонија. Многу, многу полоша отколку државата да влезеше во идната година без буџет. Донесувајќи го буџетот со примена на сила, власта покажа дека се грижи само за себе и сопствената позиција. Во втор план останаа стабилноста на државата, а пред сè, нејзиниот углед во светот. За колку чекори наназад ќе се поместат евроатланските интеграции?

По насилното донесување на буџетот, во Македонија ништо не è, и неможе да биде исто. Диктатурата е почеток на крајот на оваа власт. Секоја диктатура има крај. Арапската пролет се прелева во „балканска“ есен/зима. Во Хрватска му се суди на неприкосновениот премиер Санадер. Србија почна пресметка со тајкуните и нивните политички покровители. Словенија со парола „Готоф е“ е протестира против премиерот Јанша. Скопје е преплавено со графити „Преку Грујо ми е“, кои вредните приврзеници успеваат да ги замачкаат. Барем засега.

Fokus_logo

(Колумната е објавена во независниот дневник „Фокус“, на 25. 12. 2012)

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish