Да останам новинар или да си станам трговец или шверцер на облека и на цигари... Па, секоја недела, како и илјадници дуќанџии, да си одам до Турција, Бугарија или Грција, ем ќе сменам клима, ем помирен живот, ем многу поголема заработувачка... Згора, ќе си бидам пријател, а и ќе ќарам од оваа власт...
Се исправив пред оваа дилема и овој петти пат, откако во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ на македонската политичка сцена, добивам отказ и прекин на договорите за работа. И повторно, и повторно се прашувам: зошто постои Факултет за новинарство во оваа тажна Македонија? Зошто се даваат дури и смешни дипломи со коишто се декларираме како новинари?!
Прво, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, новинарство никогаш и немало (освен во мал дел медиуми кои жестоко се борат да ја донесат вистината на виделина).
Второ, наместо дипломи, се бараат партиски книшки или во најмала рака, текстопишувачите треба да имаат задолжителни розови очила при описот на катастрофалната реалност.
Трето, хонорарите што ги исплаќаат медиумските газди се на ниво на месечна социјална помош за четиричлено семејство,
Четврто, фелата сé уште нема доволно свесност за себе, ниту визија, ниту стремеж за враќање на вредностите,
Пето, ја гледам дипломата и се срамам - дипломиран новинар?! Посрамна професија има ли во оваа државичка? Одиш на настан, поставуваш прашања меѓу претходно договорените, режимските, а не-новинарите со розови очила ти коментираат: „За вакви прашања, посебно да си закажете!“ Или, ја менуваат темата. Овие не-новинари, во голема мера и без какви било дипломи, ја бојат сликата за реалноста, одат по коктели, добиваат симболични бенефиции... Но, газат и по честа и достоинството на малубројните, кои стојат на браникот на новинарството!
Гледам напати, и не ми се верува, дел од нив се истите кои пред тоа седеа во истите канцеларии со некои други претходници и боеја една друга слика за реалноста! И кога резигнацијата достигнува кулминација, повторно се соземам, болката ја потискам. Оти, не е првпат, не ќе е ни последен, сé додека ВМРО ДПМНЕ или која и да е следна влада, наместо професионалци - поставува партиски кадри, со членски книшки, подлизурковци и ништожници, неписмени и полтрони, не-новинари за да ја кројат вистината и да ја зашеќерат извитоперената македонска реалност.
И ете, повторно ми се враќа силата. Зашто, знам како е да се бориш со животот, да одиш наспроти ветерот и искри да ти излегуваат од очите, од студот околу срцето, од гнев, поради неправдите, ама нема да дозволам, нема ни овој пат, зашто правдата е танка, ама не се кине!
И верувам дека ќе дојде ден и новинарството ќе си го земе жезолот во своите раце. Правдата и вистината како бетонски столбови ќе се издигнат, а врз нив, на престол ќе седне новинарството, од лево објективноста, од десно професионалноста - ќе му бидат логистика. А, не-новинарите или ќе ги симнат за навек диоптриите, ама пред тоа и ќе плукнат, гледајќи се во огледалото, или ќе треба да се вратат таму од каде што дошле.
Овие редови не се тажаленка за мене, ни злорадост за некоја блиска иднина, туку исконска желба да се вратат вредностите во професијата и во земјата, која ја сметам за своја татковина. И затоа што, тоа е нашиот новинарски завет и долг, должност кон својот народ, да го дадеме вистинското име на реалноста, да ја изговориме и најцрната вистина, да ги отвораме процесите, да покажеме како не треба, за да се исчисти тиранијата, злото, корупцијата, криминалот, за навек - овде во оваа, наша Македонија! Правдата, храброста, вистината и објективноста им се ветер во грбот на новинарите во ова црно невреме!
Затоа, ќе останам новинар!
Оваа вест е достапна и на: Albanian