ДИМИТРИЕВСКИ: Легитимна и непристрасна постапка за прегазувањето на Алмир

„Го осудувам актот на прегазување на малиот Алмир. Надлежните да спроведат легитимна и непристрасна постапка, којашто ќе резултира со законска пресуда. Случајов нема етнички и политички мотиви, иако поединци особено на социјалните мрежи и одредени медиуми, се обидуваат да го прикажат поинаку и со тоа дополнително да предизвикуваат револт“, изјави Максим Димитриевски, претседател на Советот на Општина Куманово, по денешниот мирен протест на околу 5.000 кумановчани.

Тој изрази длабоко сочувство до семејството и благодарност за воздржаноста и присебноста, да не се политизира случајот.
„Ова е изолиран случај и сторителите треба да одговараат. Граѓаните на Куманово надминале многу тешки моменти, ќе го надминат и овој, правејќи разлика помеѓу барање одговорност и прибирање политички поени. Ваквите случаи само ја покажуваат реалната аномалија на македонското општество, коешто за жал е премногу порозно пред политиката“, вели Димитриевски во  изјава за ЦИВИЛ Медиа.