„Ситуацијата во Македонија е очајна, но не е безнадежна, бидејќи на 11-ти декември на претстојните парламентарни избори ќе се случи референдум!“, истакна Никола Димитров, почесен соработник на хашкиот Институт за глобална правда, на конференцијата „Европска Унија, Македонија, и што можеме да очекуваме по изборите?”, во организација на Институтот за демократија “Социетас Цивилис” - Скопје (ИДСЦС) во соработка со Balkans in Europe Policy Advisory Group (BiEPAG) и Центарот за југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац.
„Наместо да одиме напред, ние одиме назад. Мора проблемите да ги решаваме внатре во државата, а Европа ќе биде тука, само да ни помогне. Во овој момент, имаме институции кои му служат на лидер на политичка партија или на фамилијата. Како очекуваме луѓе кои имаат планина од криминал, ако победат на изборите, да спроведат реформи во судството, кога има сериозни тенденции дека тие самите се креаторите. Во овој момент, институциите ги слушаат само кафеаните и Специјалното јавно обвинителство. Затоа, сметам дека надеж да се излезе од кризата е - ако ги казниме на изборите и да победи другата политичка опција. Меѓутоа, добро е и што се разбуди граѓанското општество, и тие ќе бидат тука, да притискаат за да се работи како што треба“, рече Димитров.
Професорот Флориан Бибер, директор на Центарот на Југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац, Австрија, и координатор на Balkans in Europe Pоlicy Advisory Group, потенцираше дека Европската унија е во глобална криза и дека се ставаат под знак прашање демократските вредности, бидејќи на Европа ѝ се случи „Брегзит“, а во САД победил Доналд Трамп.
„За да се дојде на власт треба да се направат лажни вести, како што се случи со Брегзит. Но, ЕУ сега е повнимателна во однос на спроведување на препораките, бидејќи Турција е пример како може да се одглуми дека сé е спроведено како што треба, а всушност, има тоталитарна власт. За Македонија треба примерот на Турција да биде предупредување и да извлече поука. Ние дојдовме до ситуација кога не се заштитуваат тие што ќе изгубат на изборите. Имаме ситуација кога националистичките партии заземаат силно место, но сепак, сметам дека либералните партии ќе успеат да се справат со нив“, изјави Бибер.
Зоран Нечев, постар истражувач и координатор на Центарот за ЕУ интеграција на ИДСЦС, истакна дека од извештајот на Европската комисија, насловен „Извештај за земјата“, го извадиле зборот - напредок.
„Министерот за надворешни работи, Никола Поповски се откажа и не дојде на конференцијата за да го слушнеме и неговиот став за напредокот и како во иднина Македонија ќе се движи кон евроатланските процеси. Јас сметам дека треба да имаме чисти, фер и демократски избори за потоа, да може да има вистински реформи според Извештајот на Прибе“, рече Нечев.
Извршната директорка на Европски фонд за Балканот, Хедвиг Морваи, на конференцијата рече дека ЕУ сега работи самата со себе, но истакна дека владите од регионот треба да се запрашат дали сакаат промени и дали сакаат да бидат дел од ЕУ. Таа истакна дека треба да се работи повеќе на регионалната соработка, бидејќи никој не знае кон каква Европа одиме.
Денешниот настан беше поддржан од Европскиот фонд за Балканот.
Текст и фото: Дехран Муратов