Дипломатите продолжуваат со твитови без ракавици

Со распуштањето на Собранието ситуацијата во Македонија е уште посложена. Земјата влегува во уште подлабока политичка криза. ЦИВИЛ – Центар за слобода во неколку наврати во изминатиов период оцени дека условите за слободни избори на 5 јуни не се исполнети. Сличен став се препознава и во неодамнешните твитови на некои од евро-дипломатите во земјава:

Особено впечатлив е твитот на доскорешниот посредник на ЕУ во политичките преговори во земјава, Питер Ванхауте кој постирајќи фотографија од една рубља на која има мачка и пишува Белорусија, иронично вели: „Награда за Владата која праќа финансиска инспекција да замолчи невладина организација која е критична во врска со подготовките за изборите“. Тој неодамна напиша дека „изборите ќе бидат погреб за останките од демократијата во Македонија“.

Нешто слично се случува и на твитер-профилот на британската амбасада и на нејзиниот амбасадор Чарлс Гарет: „Медиумите мораат да дадат отпор на притисокот да дејствуваат како мегафони на една или друга политичка партија“, се вели во твитот на амбасадата објавен на профилот на британскиот амбасадор. Малку подоцна, од профилот на амбасадата на Велика Британија во Скопје, се додава: „Треба да ги прашуваат политичарите прашањата кои нивните публики би сакале да ги прашаат“.

Во меѓувреме, додека СДСМ објави дека активно ќе ги бојкотира изборите, а ВМРО- ДПМНЕ вчеравечер славеше игнорирајќи ја ситуацијата, ДОМ и ДС изјавија дека нема да учествуваат на изборите, а повеќето други помали партии сé уште не знаат дали ќе учествуваат. Инаку, денес ЦИВИЛ контактираше со лидерите на албанските опозициски партии кои се скептични дека има услови за слободни избори на 5 јуни, а во однос на учеството на изборите, повеќето од овие партии имаат негативен став. Некои од нив ќе го соопштат својот конечен став за учество во текот на оваа недела.

Ќе ни се повтори ли нов 17 мај и како да се зачува демократијата во Република Македонија? Како што објавивме на нашиот сајт и на нашите скорешни прес-конференции ЦИВИЛ е на ставот дека Владата мора да даде оставка поради неуспехот да го спроведе договорот од Пржино и изборите да бидат одложени барем до септември.

ЦИВИЛ ќе продолжи будно да ги следи сите нерегуларности и злоупотреби во овој период пред изборите со свој проект за мониторинг во соработка со граѓаните и граѓанките од сите градови во Република Македонија.

Слободни избори – ДА! Изборна кражба – НЕ! Со фантоми – НЕ! Со уцени – НЕ! Со насилство – НЕ! Со наши пари – НЕ! Со корупција – НЕ! Со лаги – НЕ!

Костадин Героски