Дискриминацијата на жените е очигледна и во медиумите

Фондацијата „Фридрих Еберт“ канцеларија Скопје во соработка со Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиумите одржа отворена дебата која имаше цел да ги наметне прашањата поврзани со присуството на жената и нејзината улога, не само во медиумите, туку и за нејзината општествена и родова улога. Преку дебатата се промовираше анализата „Портретирање на жената во македонските медиуми: родова еднаквост – клише, традиција или демократско право?“ од авторите Никица Корубин, Бранко Тричковски и Љубомир Костовски.

Дебата ја отвори Никица Корубин, како еден од авторите на анализата, која прашањата за родовата еднаковст ги постави низ призма на историјата, традицијата и во таа насока на религијата и колку тоа наследство може да влијае на доживувањето на современата жена во опсегот на медиумите. Се поставија и прашањата за заинтересираноста на медиумите за родовите улоги и третманот на жената и нејзините права од страна на медиумите, дали и колку медиумите имаат желба и можност да го презентираат и ценат квалитетот пред сексуалната и подредена објективизација на жената.

Во заклучокот на анализата се повикува на надминување на родовото стереотипизирање, пред сè во медиумите и нивната структура, а секако и во јавното информирање каде родовата подреденост на жените е очигледна.

На промоцијата на оваа анализа се упати и повик за новинарски професионализам каде пресудни ќе бидат фактите, а не предрасудите. Македонските медиуми треба да развијат свесност дека преку нивната улога во општеството можат и треба позитивно да ја шират идејата и потребата од родовата еднаквост.

На дебатата како гости – говорници беа поканети Јасна Аневска, член на одборот на ССНМ, Столе Наумов и Савка Тодоровска од Национален совет за родова еднаквост.

 Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: Albanian