Панел дискусија на тема „Законот за заштита на укажувачи (свиркачи) во текстилната и кожарската индустрија“, во организација на Здружението на текстилни и кожарски работници - тивко мнозинство „Гласно“, ќе се одржи утревечер во Штип
Панел дискусијата има за цел да отвори повеќе прашања поврзани со имплементација на законот, со предностите и предизвиците со кои се соочуваат работодавачите и работниците.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Горан Трајков, еден од организаторите на утрешниот настан.
„На панел дискусијата ќе се отвори прашањето - ‘Дали Законот е правилно решение кое е произлезено од пржинскиот договор и дали ако не беше Договорот од Пржино, воопшто ќе се изготвеше ваков закон?’ На овој начин, присутните ќе имаат можност да се информираат за начинот на кој може да пријавуваат проблеми и што по пријавувањето, што продолжува да биде најголем проблем, со оглед на тоа како работат институциите“, објаснува Трајков.
На панел дискусијата и претходеа повеќе трибини во Источна Македонија, на кои присуствуваа и работодавачи и работници. Како што вели Трајков, досегашната комуникација со засегнатите страни покажала дека дел од работодавачите не се заинтересирани да го имплементираат законот, иако тоа е нивна обврска, а дел се подготвени да соработнуваат.
Кај работниците ситуацијата е поинаква. „Според анкетата што ја спроведовме со повеќе од 200 работници, никој од нив не беше запознаен со Законот за заштита на укажувачи. Работниците покажуваат интерес законот да се имплементира, како начин преку кој ќе се подобрат работничките права. Сепак, не веруваат дека системот ќе дозволи законот да се спроведе до крај“, вели Трајков, зборувајќи за досегашното искуство од имплементирањето на проектот.
На панел дискусијата ќе учествуваат Здружението на текстилни и кожарски работници, Текстилното трговско здружение - Текстилен кластер, Транспаренси Интернешнел - Македонија.
Проектот го имплементира здружението „Гласно“ со финансиска поддршка од програмата на СДЦ за поддршка на граѓанското општество во Македонија, ЦИВИКА Мобилитас.