Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во саботата го објави извештајот од мониторингот врз 18 радиодифузери во периодот од 2-ри до 11-ти септември. Стручњаците за медиумски мониторинг описно и квантитативно ја пренесуваат низ нивната призма работата на медиумите. Низ извештаите има оценки дали одредени медиуми информираат правично, избалансирано или пристрасно. Но, се среќаваат и коментари кои даваат пејоративна конотација и за одредени новинари и нивни соговорници.
Според извештајот за радио мрежата Канал 77 водителот на емисијата „Ноќен експрес“, емитувана на 7 септември во 21.00 часот, Петрит Сарачини е опишан како новинар и граѓански активист „за кого имало клеветења дека е предавник“. Мониторите оценуваат и дека Сарачини, во рамки на емисијата во која се разговарало на тема: „Патриоти и предавници“, „е лично засегнат, а дава и свое мислење“.
За Сарачини, ваквиот извештај подготвен од мониторите на Агенцијата е недоволно стручен, неконзистентен и неусогласен со законските стандарди и практики на мониторирање на медиумската содржина.
„Мониторите на Агенцијата треба да се занимаваат со содржината, а не со опис на гостите и новинарите кои ја водат емисијата. Исто така, јас во животот имам повеќе улоги, дома сум родител и сопруг, на улица сум активист, на концерт сум музичар, а кога сум ангажиран професионално, како новинар од некоја медиумска куќа, тогаш сум само новинар. Сметам дека при анализата на емисијата не е постигната целта да се мониторира содржината. Се надевам дека АВМУ во иднина, нема да се занимава со анализа на нашите гости, туку со суштината и начинот на кој ние го создаваме новинарскиот производ во овој општествен контекст. И дали тој производ ги задоволува пропишаните новинарски и законски стандарди“, изјави Сарачини.
Без да дадат коментар дали оваа емисија ги исполнува стандардите, мониторите внеле квалификации и за соговорникот Владимир Милчин. Во описот на познатиот професор и режисер, кој е поранешен директор на фондацијата Сорос, стои и дополнувањето „за кого Комисијата за верификација на фактите констатираше дека е соработник на тајните служби“.
„Не само што не треба, туку оваа содржина не смее да стои во овој пасус, бидејќи Законот за лустрација е донесен за да спречи соработниците да вршат јавна функција, а не да им се одземе правото да го кажат своето мислење, за прашања кои се од јавен интерес. Оваа реченица, всушност, ми личи на реченици кои се пишувани од Управата за државна безбедност, односно од УДБА, во моето досие, на човек кој е следен, а не кој соработувал со нив. Тоа е значи етикетирање и априорно дезавуирање на еден граѓанин. Инаку, не гледам никаков мониторинг во тој пасус што се однесува на емисијата 'Ноќен експрес', за што се разговарало во оваа емисија, а се разгоавараше за многу прашања, но најмалку за изборите. Овој мониторинг е воведен исклучиво за изборите. Во емисијата говорев и како театарски режисер и како професор на Факултетот за драмски уметности. На крајот, авторот на овој пасус, всушност, се обидел да ја обезвредни емисијата, без притоа да наведе каков и да е аргумент, дека емисијата не е избалансирана во она што би значело кршење на правилата за медиумите пред изборите“, изјави професорот Милчин за ЦИВИЛ Медиа.
Што се однесува до квантитативниот приказ на временската застапеност на одреден политички субјект остава впечаток, извештајот на телевизија Сител.
Имено, во табела бр.1 која ја прикажува застапеноста на субјектите во претежно информативните жанрови, стои дека оваа телевизиска куќа оддвоила 21:42 минути за СДСМ, а за ВМРО-ДПМНЕ 17:18 минути. Со ваков приказ, како што во својот дневник објави и ТВ Сител, медиумот отстапил повеќе простор за околу 4.5 минути за опозиционата СДСМ, во однос на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според извештајот, медиумот во своите емисии настојува да обезбеди повеќе извори на информации и да спротивстави ставови. Во коментарите и другите негови поджанрови, најчесто има неутрален тон, но има содржини и со негативен и со позитивен тон.
Според професорката д-р Весна Шопар, долгогодишен медиумски експерт, многу е битно што предвидува Методологијата - кои аспекти (елементи) на следење ќе бидат применети.
„Битно е дали тие аспекти меѓусебно ќе се компарираат или не. На пример, самата бројка од 6,66 минути застапеност на една политичка партија во информативната програма, може да каже многу, но и практично ништо. Не е сеедно дали во тие минути се опфатени 4 или 14 прилози за некој субјект. Освен тоа, некои прилози можат да бидат обична вест од 35 секунди, а некои пак, извештаи од 1,5 минута, а да не зборувам за тоа дека некаде (во некои информативни програми) може да има и коментари (па, дали се тие означени како такви и кој е авторот). Многу кажува и податокот за тоа дали во информациите има или не, изјави на претставници на политичките партии и кои се тие. За ова не верувам дека се прави, но сето тоа го прави контекстот на медиумското известување. И што е многу позначајно, дали во Методологијата е јасно дефинирано што значи, на пример, рамномерно и избалансирано известување и преку кои модалитети тоа ќе се мери. Или, што значи неутрално, негативно или позитивно известување (а, во некои од извештаите има такви елементи), кој тоа го прави, партијата, новинарот... Тоа е мошне битно“, акцентира професорката д-р Шопар за ЦИВИЛ Медиа.
За овие и други аспекти во Извештајот побаравме одговор и од ад хок телото. Оттаму се со генерална оценка дека, медиумите во периодот од 2-ри до 11-ти септември, главно информирале балансирано.
„Секако дека детално го анализираме секој извештај, а за медиумите кои отстапиле од Изборниот законик, овој пат ќе бидат изречени опомени, со препораки да се следи законската регулатива во иднина. Но, доколку нема подобрување ќе бидат изрекувани и казни коишто согласно со законот изнесуваат од 1.000 до 4.000 евра“, изјавуваат од ова регулаторно тело.
Моника Талеска