“Диво Насеље”: Обвинетите тврдат дека се жртви на политичка игра

Судскиот процес против 29-темина обвинети за инцидентот во кумановската населба „Диво Насеље“ продолжи денеска. Нив Обвинителството ги товари за тероризам и за учество во судирите со полицијата во Куманово, при што загинаа 8, а беа ранети 37 припадници на полициските единици.

На второто рочиште одбраната го имаше воведниот збор. Речиси сите бранители на обвинетите, го отфрлија обвинението за тероризам или терористички акт. Двајца од обвинетите, Руфки Догани и Насуф Бекири тврдеа дека се наместени и злоупотребени за политички цели. „Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа“, рече Бекири и побара овој случај да биде расветлен од ЕУ и од САД. „Нема да признаеме никаква вина“, рече Бекири.

Догани во своето обраќање пред судот, изнесе и тешко обвинение, дека наводно, „Бег Ризај, Мирсад Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти беа убиени во полициска станица. Тие со останатите преживеани се предадоа на полицијата, но потоа беа ликвидирани!“ Барајќи да не се „покрие вистината со зборот тероризам“, тој им порача „на Европејците и на Американците - да знаат дека од Ризај и Ндрецај добивме наредба да не пукаме во полицијата, туку само во воздух. Никој овде во судницата нема да признае вина затоа што овој случај е монтиран.“

Во воведниот збор, обвинетиот Арсим Бајрами од Ваксинце, кој бил вработен како полицаец, побара вистината да излезе на виделина, пред се поради неговите колеги. Тој изјави дека се чувствува како завеса на безбедносните служби кои „сакаат да ги сокријат своите игри“.

Според обвинителниот акт, групата која дејствувала во Куманово била составена од команданти-организатори, косовски државјани, граѓани на Македонија кои им обезбедиле сместување и логистика и извршители кои пукале. Водачи биле Ндрецај и Ризај.

Адвокатите на обвинетите тврдат дека нивните клиенти не ја прифаќаат квалификацијата на кривичните дела тероризам и терористичка организација и дека во понатамошниот тек на судењето и ќе го докажат тоа, преку искази на сведоци и врз основа на доказите прибрани од Обвинителството во текот на истрагата.

Што се однесува на инцидентот во Гошинце, одбраната иронично го опиша како хуман тероризам, затоа што во обвинението нема податоци ниту за употребена сила, ниту за употреба на оружје, а полицајците кои биле затечени таму - биле ослободени, па со тоа, според одбраната, нема основа овој чин да се нарекува терористички акт.

На денешното рочиште воведни говори дадоа адвокатите на 11- мина обвинети. Следното рочиште на кое ќе се сослушуваат и првите сведоци е закажано за 23 февруари.

А во кумановската населба „Диво Насеље„ во кое на 9 и 10 мај минатата година, од гранатирањата настрадаа 68 домови, и девет месеци по трагичните настани, дел од семејствата сè уште престојуваат во куќите на  роднини или под кирија. За ТВ Алсат – М, тие изјавуваат дека се разочарани, зашто Владата не им ги покрила сите трошоци за финализирање на работите за изградба на куќите.

DSC_0106
„Не сме задоволни. Како може да сме задоволни кога дадовме пари од свој џеб за да градиме, инаку така ќе останевме. Многу малку ни платија, но шуќур што децата ми се во странство и ми помогнаа. Има жители кои не можат ни дома да си влезат бидејќи немаат финансиска можност. Не сме задоволни. Што се однесува до киријата, ветија дека додека не бидат готови куќите ќе ни ја плаќаат, но овие не даваат ни кирија, ни ништо“, изјавуваат жители на кумановската населба за скопската телевизија