Неминовна е оставка на Владата!
Воведничарите на денешната дебата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Маргарита Цаца Николовска, Рамадан Рамадани и Сашо Орданоски, потенцирајќи ја екстремната антагонизираност на политичката сцена и длабоката криза во македонското општество, се согласија дека 17 мај е денот кога ќе започнат неопходните промени и дека на Македонија и е неопходна преодна влада која ќе ја врати државата кон одамна напуштениот пат кон демократизацијата и евроинтеграциите.
Во продложение е транскрипт на дел од дискусиите, презентирани во видео приолозите.
МАРГАРИТА ЦАЦА НИКОЛОВСКА, поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права и актуелна судијка на Уставниот суд на Босна и Херцеговина:
Довербата е разнишана!
„Крајното прашање е: Што е перспективата на Македонија и како евентуално би можела да се разреши кризата? Мислам дека поголем дел од граѓаните се на мислење дека неминовна е оставката на Владата! Владата има обврска да даде оставка во сегашната ситуација, без оглед дали се утврдува во моментот некаква одговорност или не. Прашањето на одговорност која ќе биде индивидуална и која ќе биде канализирана преку одредени институции, е нешто што треба понатаму да се одвива и нешто од што владејачката гарнитура треба да се тргне настрана, за да му овозможи на оној кој што ќе постапува во тој дел, да биде транспарентен, кредибилен и да може независно и непристрасно да работи. Намерно не спомнав суд, обвинителство и национални органи, затоа што довербата е многу разнишана. Во една ситуација по поднесување оставка на Владата, се поставува прашањето што е следниот чекор? Тоа е експертска влада, каде што терминот експерт треба апсолутно да се користи и да се цени преку одредени критериуми кои не се непознати! Критериуми за независно и непристрасно судство не се нешто што допрва треба да го измислуваме...“
РАМАДАН РАМАДАНИ, политички аналитичар:
Режим на братучеди и неизживеани деца
„Јас мислам дека Куманово е синоним за неразделива Македонија“, изјави Рамадани, додајвајќи дека во сите карти и надвор и внатре во Македонија, „кројачите“ најмногу имаат проблем со исцртување на „граничните линии“ во Куманово. Меѓу другото, вели: „Друг аспект кој треба да се знае и да се потсети за Куманово е дека за време на локалните избори, а тоа сега со „бомбите“ го знаеме и детално, се расипа изборниот инженеринг на целиот овој режим на ДУИ и на ДПМНЕ, кој што владее во последните изборни циклуси... Ние не треба да заборавиме дека имаме премиер кој на својот министер за транспорт и врски му поверува дека има српски католици од Албанија, на кои им продал два плаца, едниот на плоштад, а другиот под Вардар! Дотаму оди таа илузија! Кога можело да има српски католици од Албанија, може да имаме и соросоиден фундаменталист, УЧК-бранител на Македонија итн... Улогата на ДУИ во целиот овој режим на братучеди и на оваа дивоградба во Македонија е легитимизирање на нелегитимноста која владее во Македонија“. На крајот заклучува дека протестите на 17 мај, со својата масовност треба да придонесат да се види дека ова општество не сака власт на неизживеано дете кое сака да го возат во мерцедес со екран одзади.
САШО ОРДАНОСКИ, политички аналитичар
Владата мора да замине!
„Оставките кои се поднесоа не се резултат на политичката подготвеност на Никола Груевски да покаже знак на компромис. Оставките се директен резултат на притисок заради одредени работи кои што ние не ги знаеме, а се случувале околу кумановската операција. Второ, не смее да се преспие фактот дека за настаните во Куманово мора да се направи интегрален, специјален извештај, сега, од безбедносните органи. Господинот Груевски не сака да прави компрамиси, туку работи само под принуда. Немојте да имате некаква илузија дека тој е подготвен на нешто друго, што го покажува и изборот на господинот Чавков за министер, што е директно кршење на Уставот. Аргументот дека и порано имало таков случај не е никаков валиден и легален аргумент. Можно е да имало порано, не знам, но што значи тоа? Дека порано имало лопови, па сега и овие можат да крадат? Каков аргумент е тоа? Со тоа се согласија и ДУИ и Груевски! Нема никаква дилема дека оваа Влада на чело со Груевски мора да замине! Тоа и Груевски го знае, сега е прашање како тоа ќе се испреговара...“
„Не е проблем 20 министри да си заминат, а потоа, на нивно место да дојдат личности кои ќе имаат експертски и технички квалификации да ја преведат Македонија кон едни нормални подемократски времиња, за да можеме да направиме нови избори. Но, што ќе направи новиот министер за правда, на пример, кога цели слоеви во Министерството се толку партизирани што можат и најдобриот човек да го принудат третиот ден да даде оставка и да си замине... Ние мора да покажеме дека ни е доста од наивност! Мислам дека тоа ќе го покажеме на 17 мај’.
ЏАБИР ДЕРАЛА, претседател на ЦИВИЛ
На насилство нема да одговориме со насилство!
„Многу е очигледно дека ние подолго време веќе сме во ситуација да изигруваме топовско месо. Во најбрутална и во најтрагична смисла на зборот, видовме дека топовско месо беа и полицајците во Куманово пред неколку дена. Нема никој да почуствува ниту одговорност, ниту совест, ниту милост, ако го стави целиот народ во Република Македонија, сите граѓанки и граѓани, во улога на топовско месо. Оттаму се сценаријата и за контрапротестите замислени на 18 мај. Тоа што ќе започне на 17 мај, ќе трае се додека сите граѓанки и граѓани, или мнозиноството, не го добијат тоа што го бараат. Тоа го бара и платформата „Граѓани за Македонија“. Црното сценарио е дека ќе се случи судир на народ со народ! Меѓутоа, од наша страна, и како организација и како дел од граѓанското општество, можеме да ви гарантираме дека ќе направиме и ќе дадеме сè од себе протестите да бидат мирни, да бидат полни со дух и со хумор, кој што владее и досега меѓу луѓето кои учествуваат на демонстрациите. Секако тоа ќе го практикуваме и во иднина. Нема да дозволиме на насилството да одговориме со насилство. Ако видите одговор на насилство, јас можам да ви гарантирам дека тоа се уфрлени групи, какви што беа уфрлени на 5 мај. На 5 мај ние јадевме ќотек и од уфрлените групи кои провоцираа и тепаа, и од полицијата. А ние ја браневме полицијата! Токму ние, осудените и етикетираните.“