Делегација на ПС на Советот на Европа: Што поскоро да се отповика одлуката на Иванов!

Делегација на Парламентарното собрание на Совет на Европа, предводена од Стефан Шенах од Австрија, изминатите два дена беше во посета на Скопје, и оствари средби со претставници на политичките партии, со претседателот на Собранието, со министерот за внатрешни работи и со претставници на граѓанските организации, меѓу кои и со претставници на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

MP-Details-ShowPicture

          Стефан Шенах, Австрија

Заклучокот од нивната посета, за време на која требаше да се оценат условите за одржување на предвремени, парламентарни избори, е дека закажувањето на изборите е дел од спроведувањето на Договорот од Пржино, за кој посредуваше Европската унија, со цел - да се стави крај на политичката криза. Но, според заедничкиот став на делегацијата, медиумските реформи и релевантноста на Избирачкиот список се клучните спорни прашања во предизборниот период.

Забележано е дека политичката клима во државата значително е влошена по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, да помилува 56 лица, меѓу кои и лица кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство, кое беше основано како дел од Пржинскиот договор – токму за да ги испита сериозните обвинувања - меѓу другото, и за изборни измами - кои беа дел од противзаконски снимените разговори што ги објави опозицијата. Според делегацијата, оваа одлука предизвикала големи протести, зголемена поларизација во општеството, и сериозно ја поткопува работата на СЈО.

Делегацијата побара од македонските власти да најдат начин што поскоро да ја отповикаат одлуката на Претседателот.

Делегацијата на ПССЕ, смета дека бојкотот на изборите од СДСМ, не е конструктивен пристап, но сепак, изразува сериозна загриженост за точноста на Избирачкиот список, што е од суштинско значење за враќање на довербата во избирачкиот процес.

Забележана е и загриженоста на политичките партии за медиумското покривање на политичката кампања.

Од делегацијата барaат сите политички партии да го спроведуваат Договорот од Пржино, кој нуди излез од кризата.

Делегацијата е задоволна од начинот на кој се организираат протестите, во кои меѓу другото, учествуваат и студентски организации заедно со граѓанските, а кои не резултираат со сериозни судири, ни со полицијата ниту со контра-протестите што паралелно се одвиваат.