Демант на демантот: Лекари против Колегиумот на Токсикологија!

Откако Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија, упати демант - по повод објавеното сведоштво на д-р Нестор Поповски, кој го обвини економскиот директор Никола Ташев дека вербално го навредил и физички го исфрлил од состанок - со тврдење дека немало физички контакт, туку директорот Ташев го отстранил докторот „со малку повисок тон“, ЦИВИЛ Медиа доби нов демант.

Овој пат, шестмина лекари од Клиниката за Токсикологија, „како неспоредни индиректни сведоци на немилиот настан“, тврдат дека 63-годишниот шеф на Интензивната нега на Токсикологија, сепак бил исфрлен од состанокот на Колегиумот.

pismo 001 (2)

Во демантот којшто има датум - 25 март, а кој е испратен до Синдикатот на Клиничкиот центар, Македонското лекарско друштво и до Лекарската комора, се вели:

„Згрозени од невистините изнесени во демантот од страна на Клиниката на токсикологија, а како непосредни индиректни сведоци на немилиот настан, дозволете да ја изнесеме објективната вистина за настанот нотирана од нас.

Во целиот демант единствено точно е дека в.д. организациониот директор го отстрани д-р Нестор Поповски од седница.

На ден 24.03.2016 година, околку 14.30 започна состанок на дел од стручниот колегиум на кој беа отсутни проф. Цветанка Божиновска и насл. доц. д-р Наташа Симоновска.

По неколку минути, односно, околу 14.35, низ целиот кат на којшто бевме присутни ние долупотпишаните членови на Лекарскиот колегиум на Клиниката, започна да се слуша неподнослива врева и викање, предизвикана од гласот на в.д. организациониот директор на Клиниката, Никола Ташев, за неколку минути подоцна, во ходникот да го видиме целиот потресен д-р Нестор Поповски.

Сакаме да напоменеме дека колегата Нестор Поповски по својата нарав е премногу мирољубив и неконфликтен карактер, а најдобар показател за тоа е огромниот број на пациенти кои колегата секојдневно го бараат.

Напоменуваме дека сите останати наводи, изнесени во неговата изјава, за настаните кои претходат на овој невиден инцидент, се во целост точни“.

Така, шестмина доктори, членови на лекарскиот колегиум, директно се конфронтираат со ставовите на потпишаните членови на демантот на Стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија, економскиот директор, двајца доценти, главниот медицински техничар и секретарката.

ЦИВИЛ Медиа испрати прашања за евентуалната разврска на овој случај до Лекарската комора и до Македонското лекарско друштво, но не доби никаков одговор.

Оваа вест е достапна и на: Albanian