Денеска дојдовме по нашата слобода!

Говорот на Џабир Дерала (целосна верзија), подготвен за граѓанскиот протестен собир на 17 мај 2015 година:

Денеска дојдов да им порачам на оние што читаат вицеви и пеат песни од говорница дека дојде време тоа да го прават в затвор. Никој веќе не се плаши од нивната ‘рѓосана сабја.

Народот денеска дојде по своето. Дојде време на правда, слобода и еднаквост во РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Влезови и згради што не постојат, човечиња што ги тегнат за уши и ги фаќаат за вратови – таму се нивните изборни победи.

Затворите ги наполнија со политички затвореници во монтирани процеси. Затвораат и тепаат студенти, старци, жени. Внесоа страв, поделби и зло во секој дом. Меѓу себе се јадат како побеснети животни.

Тој и неговите кучиња сакаат војна, за да се спасат од правдата. Каде бе, началници?

Камшикот им стежна од крвта на народот.

Бирократски лавиринти, божемни реформи, бесмислени давачки, драконски казни, извршители, мизерија, страв и затвор – тоа е нашиот живот, додека тие уживаат во раскош, со пари украдени од народот.

Стотици милиони отидоа во мермер, позлатени лајсни и стиропор, додека мајките мака мачат да ги нахранат своите деца денеска.

Стотици милиони отидоа во џебот на медиумските гебелси, додека децата и младите се на улица или в туѓина.

Местата каде луѓето бараат здравје, станаа места на хорор и смрт.

Побарај работа, еве ти партиска книшка. Трудот, наместо да биде награден, стана безвреден.

Работниците уште да плаќаат затоа што некој им дал работа. И плаќаат! Плаќаат со живот, со своето здравје и уште повеќе – плаќаат со своето достоинство.

Тука се луѓе кои не заборавиле што значи да се биде слободен. Илјадници луѓе денеска ги спречи машинеријата на коалициската братија да дојдат! Но падот е неминовен.

Под оние шлемови има мозок, зад тие штитови има срце. И тие, заедно со нас, бараат слобода за својот народ.

Постојат нешта поважни и од самиот живот, а тоа се слободата и достоинството. Ние не сме безлични форми на живот – туку луѓе.

Зборуваат за чесност и скромност девет години, а се оддадоа на разврат, зајдоа во насилие и безмилосна пресметка со сопствениот народ. Девет години лажат. Ветија дека ќе работат за народот, а навлекоа чизми и газеа по нашите глави. До денеска!

Тамара, Мартин, Никола. Колку знајни и незнајни жртви ќе изброиме кога ќе заминат овие мршојадци? Колку животи упропастија за да се богатат и живеат како султани?

Полицајци изгинаа како топовско месо за нивните лоши сценарија, куќи се завија во црно, деца не можат да заспијат од трауми, за тие да си играат војна. За сите ние да бидеме топовско месо.

Но тешкиот покров на лагите падна. Теророт денеска завршува. Денеска дојдовме по нашата слобода!

Вели Груевски дека Македонија од оваа криза ќе излезе посилна.

Се согласувам со Груевски.

Македонија ќе излезе посилна, стабилна, радосна и слободна. И тоа ќе се случи кога Груевски и неговата раскалашна братија и коалициски ортаци ќе ја платат сметката за сите солзи, мизерија и смрт.

Патеката е јасна: оставка, праведно судење, конфискација, затвор.

Слобода на народот!