Денеска е Светски ден на изборите

Обединетите Нации го прогласија правото на глас за основно човеково право во 1948 година. Еднакво право на глас за сите луѓе, тајност на гласањето, слободни, фер и демократски избори – тоа мора да го почитува секој политичар на светот.

Изборите се потребни како алатка за проверка на владата од страна на граѓанките и граѓаните, а политичарите треба ним да им служат.

Политичките партии се обидуваат да држат чекор со времето и со новите технологии и општествени односи. Тие на секаков начин се обидуваат да допрат до гласачите со економски, социјални и политички алтернативи за подобрување на стандардите на граѓанките и граѓаните.

Едукацијата на електоратот, особено на тие кои гласаат за прв пат, е должност на институциите, медиумите и граѓанското општество. Општо земено, без слобода на медиумите бесцелно е да се зборува за слободни избори. Фер и транспарентно спроведување на изборите, спречување на измама и обезбедување на демократски изборни процеси се исклучително важни задачи на институциите на секоја држава.

Во светот денес, постојат држави во кои правото на глас е изманипулирани, а демократијата и човековите права и слободи се на ниско ниво. Република Македонија е една од нив.

ЦИВИЛ е организација која ги набљудува изборните процеси на долгорочна основа. Овој ден, организацијата го одбележа работно и со редовна продукција и пласман на информативни и едукативни содржини, како и мониторинг на теренот во целата земја.

Подготви: Ермин Климента