Доделување на наградите за новинарски приказни за бегалците

Вчера на Светскиот ден на бегалците - 20 Јуни, беа прогласени добитниците на „Наградата за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2015 година во Македонија“, во организација на Македонското здружение на млади правници и Високиот комесаријат за бегалци на ОН – УНХЦР, во соработка со Здружението на новинарите на Македонија - ЗНМ.

На конкурсот биле пристигнати 110 трудови, а за изборот на наградените клучно било континуираното следење на бегалската криза и предизвиците со кои се соочувале бегалците, но и хуманитарните работници во 2015 година во Македонија.

Наградите беа доделени во присуство на голем број бегалци кои сé уште се во Македонија и во  присуство на активистите и волонтерите кои неуморно им помагаа од самиот почеток на бегалската криза.

Во категоријата напис или серија написи третото место и припадна на Слободанка Јовановска, за напис објавен во „Утрински весник“, второ местото на Синиша Станковиќ, уредник на ЦИВИЛ Медиаза прилозите објавени на „Гласот на Америка“ на македонски јазик, а првата награда ја освои Горан Адамовски за напис, исто така, објавен во „Утрински весник“.

[huge_it_gallery id="10"]

Во категоријата  емисија, прилог или краток документарец, третонаградена беше Менче Атанасова Точи за видео-прилог емитуван на порталот Нова ТВ, второнаградена беше Милка Смилевска за видео-прилог емитуван на „Ал Џезеира Балкан“, а првото место ѝ припадна на Зорана Гаџовска Спасовска за видео-прилог емитуван на „Радио Слободна Европа“.

Претставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамед Ариф им се обрати на присутните, потенцирајќи ја потребата од заштита на човековите права на бегалците и изразувајќи им благодарност на граѓаните на Македонија за нивната солидарност и хуманитарен дух.

Свое обраќање имаше и бегалка од Нигерија, која им се заблагодари на сите хуманитарни луѓе за нивната помош, со песна на македонски јазик.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=PEU7NOB2ZMQ[/youtube]

Според последниот извештај на УНХЦР кој го следи присилното раселување на светско ниво, 65.3 милиони луѓе биле раселени на крајот на 2015 година од кои 21.3 милиони бегалци на светско ниво.

„Повеќе од 60 проценти се жени и деца, вклучувајќи и мали деца кои патуваат сами или разделени од своите родители, на кои им е потребно да им се посвети посебно внимание“, велат од УНХЦР, давајќи и признание на Македонија во справувањето со бегалската криза и дадената помош на бегалците.

На гостите им се поделија и маици со написот: I stand #WithRefugees, а можеше да се пополни онлајн апликација за поддршка на бегалците. Исто така, беше поставена и изложба на ликовни трудови на бегалците направени во двата кампа во Гевгелија и Табановце.

 Б.Ј.